Омилениот десерт би можел да ви го расипе сонот

Точка

20/02/2025

16:58

1.128

Големина на фонт

а а а

Сите знаеме дека кофеинот е главниот виновник за несоница. Се наоѓа во кафето, чајот и енергетските пијалаци и нè држи будни со стимулирање на мозокот и нервниот систем. Експертите советуваат да го избегнувате најмалку два часа пред спиење, но бидејќи може да остане во телото и до пет часа, подобро е да го избегнувате и порано во текот на денот.

Иако е очигледно дека треба да прескокнете шолја кафе или црн чај пред спиење, многу луѓе не размислуваат за скриените извори на кофеин, како што е чоколадото.

Чоколадото е омилен десерт за многумина, но можеби не е најдобриот избор доколку сакате мирно да спиете. Различни видови чоколади содржат различни количества на кофеин. Темното чоколадо има најмногу кофеин, млечното нешто помалку, додека белото чоколадо воопшто не содржи кофеин.


За споредба, 100 грама темно чоколадо содржи околу 43 мг кофеин, млечното чоколадо 20 мг, додека белото чоколадо не содржи ниту еден. Иако ова не е ни блиску до количината на кофеин во шолја кафе (која содржи над 94 мг), може да биде доволно за да го наруши спиењето за почувствителните лица.

Меѓутоа, кофеинот не е единствената „проблематична“ состојка во чоколадото.


Постои и теобромин, друг стимуланс кој се наоѓа во какаото и кој на темното чоколадо му дава карактеристичен горчлив вкус. Тој исто така може да придонесе за несоница, а колку чоколадото е потемно, толку повеќе го содржи. Значи, ако имате проблеми со спиењето, можеби е подобро да прескокнете кој било десерт со темно чоколадо по вечерата.

Колку кофеин е премногу?

Според препораките, дневниот внес на кофеин не треба да надминува 600 мг. Но, ако сте чувствителни на кофеин, дури и многу помала количина може да предизвика проблеми. Премногу кофеин може да доведе до немир, анксиозност, несоница, забрзана работа на срцето, па дури и дигестивни нарушувања.


Една студија од 2013 година покажа дека консумирањето 400 мг кофеин дури шест часа пред спиење може да го скрати вкупниот сон за еден час. Па така, ако сакате квалитетен сон, можеби не е лоша идеја да внимавате на внесот на кофеин во текот на денот, а особено навечер.

Покрај чоколадото, постојат уште неколку намирници и пијалаци кои би било добро да ги избегнувате навечер. Тие вклучуваат кафе, црн и зелен чај, енергетски пијалаци, какао, гуарана и некои видови гуми за џвакање. Секогаш проверувајте го составот на декларацијата на производот. Можеби ќе се изненадите каде сè се крие кофеинот.