Напаѓачот од Германија го критикувал исламот, ги поддржувал десничарите и теоретичарите на теориите на заговор

Точка

21/12/2024

18:01

1.765

Големина на фонт

а а а

Нападот на божиќниот пазар во Магдебург, во кој загинаа најмалку пет лица, меѓу кои едно дете, а беа повредени 68 други, го изврши 50-годишниот психолог Талеб ал-Абдулмохсен. Тој со својот автомобил удри во толпа луѓе.

Кој е тој?

Талеб ал-Абдулмохсен е роден во саудискиот град Хофуф, а во Германија дошол во 2006 година за време на неговата специјализација по психотерапија. Тој подоцна побарал азил поради смртни закани откако го напуштил исламот, а во 2016 година доби статус на политички бегалец. Живеел во Бернбург и бил познат како експерт за психијатрија и психотерапија.


Како што пишува Дејли Мејл, неговото минато е обележано со активизам кој бил насочен кон помагање на поранешните муслимани, особено на жените, во обидот да избегаат од Саудиска Арабија. Тој ја водел веб-страницата „wearesaudis.net“, посветена на обезбедување информации за „патеките за бегство“ за луѓето кои сакале да ја напуштат Саудиска Арабија. Во интервју за „Frankfurter Rundschau“ во 2019 година, тој изјави дека повеќето од неговите клиенти се жени за кои азилот е единствениот начин да избегаат од зависноста од машките старатели.


Го критикувал исламот, ги поддржувал десничарите и теоретичарите на заговор

Неговите објави на социјалните мрежи укажуваат на силни антиисламски ставови. Во своите објави, тој го критикуваше исламот и изрази поддршка за германската десничарска партија АФД, како и за Илон Маск и десничарите како Томи Робинсон и теоретичарот на заговор Алекс Џонс.

Ал-Абдулмохсен ретвитувал содржини како што се графички видеа, вклучително и каменување жени, со коментари како: „Можете ли да најдете нешто позитивно за исламот?


Пет дена пред нападот, тој даде интервју за десничарската платформа „RAIR Foundation“, во кое тврдеше дека Германија ги фаворизира сириските бегалци, вклучително и исламистите, додека ги отфрла саудиските отпадници кои бегаат од шеријатските смртни казни. Во тоа интервју тој изјави дека „само 70 отсто од саудиските граѓани добиваат азил, додека оваа бројка за сириските граѓани е 99,8 отсто“.

„Доколку сириски државјанин поднесе барање за азил во Германија, шансите да добие азил се 99,8%, но ако државјанин на Саудиска Арабија поднесе барање за азил во Германија, таа шанса е само 70%, а јас лично знам дека многу од одбиените се поранешни муслимани“, изјавил Ал-Абдулмохсен.

Германија ги поздравува Сиријците – вклучително и многу исламисти – додека истовремено ги отфрла саудиските отпадници, луѓе кои вистински бегаат од шеријатските смртни казни“, додаде тој.

Тој тврдеше дека германските власти му ја отвораат поштата

На видеозаписите објавени неколку часа пред нападот, Ал-Абдулмохсен тврди дека германските власти ја отворале неговата пошта и краделе предмети, вклучително и USB-стикови. „Германските граѓани се одговорни за прогонот на кој сум подложен. Германската нација криминално ги прогонува критичарите на исламот“, рече тој во едно видео.


Неговите ставови на социјалните мрежи вклучуваат и поддршка за екстремно десничарските политичари и активисти. Тој ги ретвитна изјавите како: „Левичарите се луди. Ни треба АФД за да ја заштитиме полицијата од нив“ и „Тиранијата се заснова на потчинувањето на кукавиците. Избирам да бидам храбар“.