[ФОТО] Расте бројот на жртвите во терористичкиот напад во Германија: Пет мртви, 205 повредени

Макфакс

21/12/2024

14:18

1.645

Големина на фонт

а а а

Бројот на загинатите во нападот на божиќниот саем во германскиот град Магдебург се искачи на пет, а 41 лице е тешко повредено, објави весникот „Билд“, повикувајќи се на полицијата.

Според информациите на германскиот весник, вкупно 205 лица се повредени, 86 лица со тешки повреди се згрижени во болниците, додека 78 лица се полесно повредени во нападот.

Напаѓачот од Магдебург на германските власти не им бил познат како исламист

Мажот, чие име се уште не е објавено, кој синоќа удри во толпа луѓе на божиќниот базар во германскиот град Магдебург, по професија е лекар кој на социјалните мрежи се залагал за борба против исламизмот и кој, според првичните информации, се верува дека дејствувал сам.


Според моментално достапните информации, напаѓачот е 50-годишен специјалист по психијатрија и психотерапија, по потекло од Саудиска Арабија, пишува германски „Билд“.

Локалните медиуми нагласуваат дека се уште не е познат мотивот на напаѓачот и дека тој на германските власти не им бил познат како исламист.

Саудијците ги предупредија Германците

Неименуван саудиски извор за Ројтерс изјавил дека Саудиска Арабија ги предупредила германските власти за можниот напаѓач, кој според изворот објавил екстремистички ставови на мрежата Х. Истиот извор го идентификуваше осомничениот како Талеб Абдул Џавад.


Германски „Шпигел“ го идентификуваше Талеб А., за кого вели дека е симпатизер на екстремно десничарската германска партија Алтернатива за Германија. Весникот не го наведува изворот на оваа информација.

Тој дошол во Германија во 2006 година и оттогаш живеел во Бернбург, на околу 50 километри јужно од Магдебург.


Осомничениот, кој има дозвола за постојан престој, добил статус на бегалец во Германија во 2016 година, наведувајќи го стравот за неговата безбедност поради неговите атеистички ставови и критиките на исламот.

Шолц изрази загриженост за состојбата на 40 повредени лица во терористичкиот напад во Германија

Бројот на жртвите во нападот на божиќниот саем во германскиот град Магдебург се искачи на пет, а повеќе од 200 луѓе се повредени, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.


Тој изрази солидарност и сочувство по нападот на божиќниот базар.

– Ова е ужасен чин, ранувајќи и убивајќи толку многу луѓе со толку многу бруталност – рече Шолц.

За време на обиколката на местото на несреќата во Магдебург, тој ја изразил својата загриженост за 40 лица кои се здобиле со тешки повреди, пишува германскиот весник „Билд“.


Шолц рече дека сторителот, кој беше уапсен по нападот синоќа, ќе биде „детално истражен“.

Канцеларот повика на единство и им се заблагодари на луѓето ширум светот што ја изразија својата солидарност со Магдебург, како и на итните служби кои работеа на местото на нападот, пишува Би-Би-Си.


Истовремено, премиерот на германската покраина Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф, изјави дека утрово е одржан состанок на владата на кој се разговарало за финансиските средства за поддршка на жртвите и нивните семејства.

Тој изрази и надеж дека повеќе нема да има смртни случаи и додаде дека во наредните денови детално ќе се разговара за безбедноста, но дека денеска е „ден за жалост“.