[ВИДЕО] Претседателот на Јужна Кореја прогласи воена состојба

Макфакс

03/12/2024

15:43

4.828

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, прогласи воена состојба, велејќи дека мерката е неопходна за да се заштити земјата од комунистичките сили.

„Со цел да се заштити либералната Јужна Кореја од заканите од комунистичките сили на Северна Кореја и да се елиминираат антидржавните елементи… прогласувам вонредна воена состојба“, рече Јун во телевизиско обраќање во живо до нацијата, обвинувајќи ги опозициските сили за контролирање на парламентот, сочувство со севернокорејскиот режим и „парализирање на владата со антидржавни активности“.

Во вонредното телевизиско обраќање, Јун, исто така, ја нагласи потребата од „искоренување на просевернокорејските сили и заштита на уставниот демократски поредок“.

Прогласувањето воена состојба не значи објава на војна, туку мерка која ѝ овозможува на војската да ја преземе контролата врз цивилните власти со цел да се одржи редот и безбедноста. Ова може да вклучува ограничувања на граѓанските права, како што се слободата на движење и собирање, и воведување медиумска цензура.

Ваквите мерки обично се преземаат во ситуации на сериозна закана за националната безбедност, како што се надворешни закани или внатрешни немири.

Овој потег на претседателот Јун Сук Јеол предизвика загриженост кај јужнокорејската јавност за влијанието врз демократските процеси во земјата, а опозициската Демократска партија свика итен состанок на своите претставници за да разговара за ситуацијата.