Непозната болест избувна во земја со 100 милиони жители: Стотици мртви, загрижена и СЗО

Макфакс

04/12/2024

09:41

4.650

Големина на фонт

а а а

Непозната болест уби 143 луѓе во Конго, во епидемија што ги вознемири здравствените власти и Светската здравствена организација.

Пациентите имале симптоми слични на грип, вклучително и висока температура и силни главоболки, соопштија локалните власти, а најтешко се погодени жените и децата, пренесува Дејли мејл.

Смртните случаи се регистрирани во провинцијата Кванго, во југозападниот дел на Демократска Република Конго (ДРК) и на границата со Ангола.


Реми Саки, заменик-гувернер на покраината и Аполинер Џумба, министер за здравство, рекоа дека здравствените власти собираат примероци и спроведуваат анализи за да ја идентификуваат болеста. Официјални лица велат дека ситуацијата е крајно загрижувачка и дека бројот на загинати рапидно се зголемува, со 67 смртни случаи пријавени на 25 ноември.

Пациентите кои страдаат од оваа болест наводно умираат во своите домови и тешко добиваат третман. ДРК, исто така, во моментов се соочува со појава на мајмунски сипаници.

Здравствените власти се уште не ги објавиле резултатите од тестовите, а не е јасно дали пациентите биле негативни на други вообичаени болести. Исто така, не се објавени податоци за бројот на пациенти за кои постои сомневање дека се заразени или хоспитализирани поради оваа појава.

Не е јасно која болест може да предизвика смрт, но ДРК веќе се бореше со повеќе од 12 епидемии на ебола.


Вирусот, кој може да се пренесе со лилјаци, предизвикува болест слична на грип пред пациентите да почнат да страдаат од гадење, крварење и проблеми со мозокот. Во една епидемија прогласена во 2019 година, пријавени се повеќе од 3.250 случаи и 2.100 смртни случаи.

ДРК, исто така, моментално се бори со голема епидемија на посмртоносниот вид на мајмунски сипаници, кој веќе зарази 12.500 луѓе и предизвика смрт кај 581 лице.

Откриени се инфекции низ целата земја, вклучително и во провинцијата каде е забележана мистериозната епидемија на болеста. Официјални лица во таа провинција не кажаа дали ја отфрлиле можноста од мајмунски сипаници како потенцијална причина.

Ситуацијата е крајно загрижувачка бидејќи бројот на заразени продолжува да расте, изјави лидерот на граѓанското општество Сефоријен Манзанза.


„Панзи е рурална здравствена зона, така што има проблем со снабдувањето со лекови“, додаде тој.

Локалниот епидемиолог рече дека жените и децата се најтешко погодени од оваа болест.

Портпаролот на СЗО во вторникот изјави дека здравствената агенција на ОН била информирана за присуството на болеста минатата недела и дека спроведува дополнителни истражувања заедно со Министерството за здравство на Конго.