Истражувачите откриле дека машкиот имунолошки систем реагира значително поагресивно на акутните вирусни инфекции, што доведува до посериозни симптоми и поопасни здравствени компликации.
Нова студија потврдила дека таканаречениот машки грип не е клише и урбана легенда, туку реална биолошка појава. Многумина сметаат дека таканаречениот машки грип е исклучиво неспособност на мажите да се справат со благи заболувања како настинката. Сепак, истражувањето предводено од тим од Универзитетот Мекмастер покажало дека биолошкиот пол игра значајна улога во начинот на кој човечкото тело реагира на одредени патогени.
Наодите објавени во списанието „Journal of Infectious Diseases“ потврдиле дека мажите навистина потешко ги поднесуваат акутните вирусни инфекции.
Истражувачите ги набљудувале реакциите на вируси како оние што предизвикуваат грип и ковид-19, како и вирусот Западен Нил, користејќи животински модели.
Во текот на експериментите било откриено дека машките глувци се значително поподложни на тешки невролошки компликации, вклучувајќи слабост и парализа. Иако набљудуваните животни биле генетски речиси идентични, на иста возраст и заразени со еднакви количества вирус во исти услови, разликата во тежината на болеста била очигледна.

Биолошката основа и имунолошкиот одговор
Првичната претпоставка на научниот тим била дека машките единки имаат поголемо количество вирус во организмот. Меѓутоа, се покажало дека вирусното оптоварување во крвта и мозокот било сосема идентично кај двата набљудувани пола. Разликата во тежината на клиничката слика произлегла исклучиво од начинот на кој машкиот имунолошки систем реагира на инфекциите.
„Беа генетски речиси идентични, на иста возраст и заразени со истиот вирус од истото шишенце, во еднакви количества. Немаше логика да постои толку огромна разлика во начинот на кој се манифестираше болеста. Во оваа област сè повеќе се прифаќа дека исходите од акутните вирусни инфекции вообичаено се разликуваат меѓу машките и женските единки“, објаснил професорот Али Ашкар, главниот истражувач на студијата.
Посилниот и поагресивен воспалителен одговор на машкиот организам доведува до поголемо оштетување на ткивото на местото на инфекцијата, но биолошките разлики не завршуваат тука. Женскиот полов хормон естроген има докажани антивирусни својства и поттикнува поефикасно создавање заштитни антитела. Наспроти тоа, машкиот хормон тестостерон има благо имуносупресивно дејство, што го прави првичниот имунолошки одговор многу помалку ефикасен во раната фаза на болеста.

Промена на медицинскиот пристап
Поради ваквите биолошки специфичности, современата медицина се соочува со сè поголема потреба да ги приспособи терапиите на полот на пациентот. Покрај биологијата, податоците покажуваат и сериозна пристрасност во самиот здравствен систем, бидејќи една неодамнешна американска студија наведува дека лекарите често не ја сфаќаат болката кај жените подеднакво сериозно како кај мажите.
На пациентките со исто ниво на болка почесто им се предлага психотерапија наместо неопходните лекови. Сепак, кога станува збор за акутни вирусни инфекции, клиничките податоци јасно укажуваат на значително поголема физичка загрозеност кај мажите.
„Отсега, при секоја акутна вирусна инфекција, важно е лекарите рано да го контролираат воспалението кај машките пациенти. Веќе имаме многу одобрени и ефикасни противвоспалителни лекови, па за ова не ни се нужно потребни сосема нови интервенции. Само треба да признаеме дека машките пациенти можат да бидат почувствителни на тешки форми на болеста и соодветно да ги приспособиме плановите за лекување“, истакнал Ашкар.












