Кралските титули стануваат „работно место“: Реформата на Вилијам би можела засекогаш да го продлабочи јазот помеѓу браќата

Точка

23/11/2026

14:29

1.571

Големина на фонт

а а а

Британскиот престолонаследник, принцот Вилијам подготвува темелно реструктурирање на монархијата кое откако ќе го преземе престолот ќе резултира со одземање на титулите на неговиот отуѓен брат, принцот Хари, неговата сопруга Меган и нивните деца, седумгодишниот Арчи и петгодишната Лилибет.

Овие тврдења ги изнел новинарот и познавач на кралското семејство, Том Сајкс во новата книга „Dukes Of Hazard“,која излегува во февруари. Според неговите извори, Вилијам сака да ја укине практиката според која титулите на принц и принцеза како и обраќањето со „Неговото/Нејзиното Кралско височество автоматски се стекнуваат со раѓање.


Наместо тоа, тие би требало да функционираат како своевидни „работни места“.

Титули и пари само за оние кои работат

Планот што Вилијам наводно го разработува со своите советници предвидува титулите и привилегиите исклучиво да ги задржат активните членови на семејството кои извршуваат официјални должности за Круната, пишува „Дејли мејл“.

„Ако сте активен член на семејството, извршувате дипломатски и државни работи, станувате на дождлива среда за да отидете во Шефилд – тогаш ќе имате титула, плата, надомест и едно место за живот. Ако не го правите тоа, нема да бидете Неговото височество, нема да добиете бесплатно или субвенционирано сместување ниту какви било посебни услуги. Ќе бидете приватен граѓанин слободен да заработувате на кој било начин што сакате“, објаснил за книгата извор близок до принцот Вилијам.


Ваков потег, кој би се спровел преку кралски декрет (т.н. letters patent), секако дополнително би го продлабочил и онака длабокиот јаз меѓу Вилијам и Хари. Иако Хари и Меган во 2020 година со договорот во Сандрингем се обврзале дека нема да ги користат титулите Нивно височество во јавноста, тие законски никогаш не им биле одземени – за разлика од принцот Ендру, кому кралот Чарлс минатата година со декрет му ги укинал титулите поради скандалите поврзани со Џефри Епстин.

Слобода на избор за сопствените деца

Иако ваквата одлука би можела да изгледа како одмазда кон братот, извори од палатата тврдат дека станува збор за прагматичен потег кој ќе наиде на голема поддршка од јавноста, која е сè почувствителна на трошоците на кралското семејство. Целта е да се спречат идни непријатни ситуации во кои членовите на семејството го задржуваат кралскиот статус иако повеќе не извршуваат должности.

Освен тоа, реформата би ги опфатила и помладите деца на Вилијам – 11-годишната принцеза Шарлот и осумгодишниот принц Луис. Кога ќе пораснат, ќе имаат можност да се откажат од титулите и да градат самостојни кариери надвор од монархијата, по примерот на децата на принцезата Ана, кои воопшто немаат титули. Единствениот чија иднина е „зацементирана“ е најстариот принц Џорџ, идниот крал.


Дека Вилијам уште сега ги воспитува децата подалеку од строгите дворски формалности, потврдуваат и информациите дека персоналот дома не им се обраќа со „височество“, додека Џорџ на спортските натпревари во престижниот колеџ Итон е наведен едноставно како Џорџ Велс.

Од Кенсингтонската палата кратко порачаа дека според востановената практика не коментираат наводи од книги. Сепак, самиот Вилијам минатата година јасно ја најавил насоката на своето идно владеење: „Промената е на мојот дневен ред. Не се плашам од неа, напротив, ѝ се радувам“.