На денешен ден познатата актерка Деми Мур го прославува својот 64-ти роденден, но иако многумина мислат дека е родена под среќна ѕвезда и дека сè во животот ѝ било „послужено на тацна“, вистината е сосема поинаква.
Деми Мур со децении е една од најпопуларните и највлијателните актерки во Холивуд. Сепак, се чини дека дури денес, во зрелите години, конечно живее онака како што отсекогаш посакувала – во мир, стабилност и, пред сè, слобода, која во младоста едноставно ја немала.

Нејзиниот приватен живот со години беше под лупа на јавноста, а најголемо внимание привлекуваа љубовните бродоломи и пропаднатите бракови. Зад себе има тешки разводи, од оној со Брус Вилис, со кого подоцна успеа да изгради пријателски однос, до медиумски исцрпувачката разделба со Ештон Кучер, која емотивно ја уништи. За тоа подоцна можевме да читаме во нејзината биографија, во која ги опиша сите страшни работи на кои тој ја принудувал.
За жал, траумите што ги носела од најраното детство ја стигнале во сите овие врски и скапо ја чинеле, а сè започнало со нејзината мајка.
Никогаш не го запознала биолошкиот татко
Деми, родена како Деметрија Џин Гајнс, никогаш не го запознала својот биолошки татко Чарлс Хармон, кој ја напуштил нејзината мајка Вирџинија Кинг пред породувањето. Растела верувајќи дека нејзиниот очув, Ден Гајнс, всушност е нејзиниот вистински татко.
Актерката подоцна добила и полубрат, Морган, но иако од страната на биолошкиот татко имала полусестри и полубраќа, не е во контакт со нив, пред сè затоа што станува збор за проблематично семејство во кое насилството било секојдневие.

За жал, вистината е дека живееле во постојан хаос, а причината била тоа што и Чарлс и Вирџинија биле тешки алкохоличари. Нивните расправии често прераснувале во физичко насилство. Поради проблемите на очувот со работата и коцкањето, за време на нејзиното растење се селеле повеќе од триесет пати.
Како дете имала бројни здравствени проблеми
Покрај семејниот хаос, Деми уште како дете се соочила со сериозни здравствени тешкотии. Родена е со страбизам, поради што морала да помине низ две операции и со години да носи преврска преку окото. Покрај тоа, страдала од тешка бубрежна дисфункција, поради што голем дел од раното детство го поминала по болници.
За жал, наместо родителите да се грижат за неа, Деми многу рано ја презела улогата на возрасна личност. Во својата автобиографија „Inside Out“ опишала како на само дванаесет години морала со сопствените прсти да ги вади таблетите од грлото на мајка си, откако таа се обидела да изврши самоубиство со предозирање. Тоа оставило длабоки емоционални лузни кај неа.
Самоубиство на очувот и страшниот потег на мајката
Семејната трагедија го достигнала врвот кога нејзиниот очув во 1980 година извршил самоубиство. И самата Вирџинија била сè, само не сопруга и мајка каква што човек би посакал. Имала обемно полициско досие, вклучително и возење во пијана состојба и подметнување пожари. Деми го прекинала контактот со неа откако Вирџинија самостојно ја напуштила клиниката за рехабилитација, чиј престој го финансирала актерката.
Најтешкиот удар се случил кога актерката имала петнаесет години. Според нејзиното сведоштво во мемоарите, ја силувал постар маж, инаку сопственикот на станот во кој живееле, кој тврдел дека ѝ платил на нејзината мајка 500 долари за да му го овозможи тоа. Деми подоцна навела дека мајка ѝ всушност ја „подведувала“.
„Тоа беше силување, но и разорно предавство“, напишала Деми во својата автобиографија, додавајќи дека мажот по силувањето ја прашал: „Какво е чувството кога сопствената мајка ќе те продаде за 500 долари?“.
Бегство од дома, прв брак и почеток на славата
На шеснаесет години, сфаќајќи дека не може да преживее во таква средина, Деми го напуштила училиштето, избегала од дома и почнала да работи како модел и рецепционерка во агенција за наплата на долгови, пред да успее да влезе во светот на актерството. На 18 години се омажила за првпат, но во бракот останала само пет години. Сепак, го задржала презимето на поранешниот сопруг, а за време на бракот ја добила и првата улога во серијата „General Hospital“.

Клучната пресвртница за преминот на големото платно била улогата на проблематичната Џулс во филмот „St. Elmo’s Fire“, а услов за добивање на оваа улога бил да замине на лекување од зависност од дрога и алкохол, што таа и го направила. Филмот стана култен генерациски хит, а Деми беше вброена во таканаречениот „Brat Pack“ – група млади, привлечни актери кои доминираа во Холивуд во средината на осумдесеттите години.
Улогата што ја претвори во светска суперѕвезда беше онаа на Моли Џенсен во романтичната драма „Ghost“, во која глумеше покрај Патрик Свејзи и Вупи Голдберг. Филмот стана најгледаниот филм во светот во 1990 година и заработи повеќе од 500 милиони долари, со што Мур се вивна меѓу најбараните актерки, а сè останато е историја.










