Филмот „Mulholland Drive“ во режија на Дејвид Линч премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во мај 2001 година, а во кината беше објавен на 12 октомври истата година. Репутацијата на филмот растеше во текот на следните децении, а во 2016 година беше прогласен за најдобар филм на 21 век.
Овој надреалистички психолошки трилер, кој комбинира мистерија и елементи на нео-ноар, со текот на времето го стекна статусот на еден од најзначајните филмови.
Заплетот ја следи Бети Елмс (Наоми Вотс), млада актерка која доаѓа во Лос Анџелес во потрага по успех. Таму среќава мистериозна жена (Лора Харинг) која го изгубила памтењето по сообраќајна несреќа и се претставува како Рита. Додека се обидуваат заедно да го откријат нејзиниот идентитет, потрагата се претвора во сè понеобична приказна во која се испреплетуваат соништата, реалноста и темната страна на Холивуд.
Телевизиската компанија го отфрли проектот
„Mulholland Drive“ првично беше замислен како телевизиска серија за мрежата „ABC“, а Дејвид Линч ја сними пилот-епизодата во 1999 година. Сепак, телевизиската компанија го отфрли проектот, незадоволна од неговото темпо и необичниот начин на раскажување. Со финансиска поддршка од француската компанија „StudioCanal“, Линч последователно снимил дополнителни сцени и го претворил недовршениот проект во игран филм.
Режисерот никогаш не понудил јасно објаснување за заплетот, поради што гледачите и критичарите развија бројни теории за значењето на филмот. Дури и глумците се обидоа да ги откријат сите негови мистерии за време на снимањето. Филмот претставуваше и голема пресвртница во кариерата на Наоми Вотс, додека тоа беше последната улога во игран филм за легендарната актерка Ен Милер.

За многумина, заплетот е премногу збунувачки
По премиерата, филмот доби бројни пофалби од критичарите, особено за режијата, атмосферата и глумата на Наоми Вотс, иако неговата енигматична структура предизвика мешани реакции. Линч ја освои наградата за најдобар режисер во Кан, која ја подели со Џоел Коен, а подоцна беше номиниран за Оскар во истата категорија.
Роџер Иберт му даде на филмот највисока оценка, додека некои критичари неговиот заплет го сметаа за премногу збунувачки. Репутацијата на филмот продолжи да расте во текот на следните децении. Во анкетата на „BBC Culture“ од 2016 година, тој беше прогласен за најдобар филм на 21 век, додека во анкетата на списанието „Sight and Sound“ од 2022 година, го зазеде осмото место на листата на најдобри филмови на сите времиња, според изборот на критичарите.

На листата на 100 најдобри филмови на 21 век, објавена од „НЅТ“ во 2025 година, „Mulholland Drive“ го освои второто место.











