Актерка со години се лекувала од мултипла склероза, а сега дознала дека ја нема болеста: „Не знам што ми се случува, како повторно да сум на почеток“

Точка

20/10/2026

19:05

1.050

Големина на фонт

а а а

Актерката Кристина Еплгејт се врати на водењето на поткастот „MeSsy“ со шокантно сознание кое целосно го променило нејзиниот поглед на сопствената здравствена состојба. Откако со години живеела во уверување дека боледува од мултипла склероза, лекарката ѝ соопштила дека всушност ја нема оваа болест.

Во вторникот, на 20 октомври, Еплгејт (54) и нејзината колешка и водителка на поткастот, Џејми Лин Сиглер, објавија две последователни епизоди од емисијата во која отворено разговараат за своите искуства со мултипла склерозата.

Меѓутоа, во епизодата со која се вратила во поткастот, актерката низ солзи раскажала дека направила пауза за да ја прифати шокантната вест што ја добила од својата лекарка.

„Таа влезе во мојата соба и ми рече: ’Честитки, немате мултипла склероза‘“, се присетила Кристина низ солзи.

„Воопшто не бев среќна. Сите останати беа пресреќни“, признала актерката.

Погрешната дијагноза не е реткост

Докторката Марва Кејси, вонредна професорка на Одделот за неврологија при медицинскиот центар „Сидарс-Синај“, гостувала во втората епизода од поткастот, каде што објаснила дека погрешно поставената дијагноза на мултипла склероза не е невообичаена појава.

Како што истакнала, една од причините е тоа што не постои единствен тест со кој со сигурност може да се утврди дали некое лице боледува од оваа болест.

„Немаме еден единствен тест за мултипла склероза. Тоа не е како тест за бременост, кој ви кажува: ’Да, бремени сте‘ или ’Не, не сте‘. Во овој случај постои цела низа критериуми“, објаснила докторката Кејси.


Според нејзините зборови, се покажало дека речиси 20 отсто од луѓето на кои им била дијагностицирана мултипла склероза, всушност ја немаат оваа болест.

„Речиси секое петто лице на кое му било кажано дека има мултипла склероза, а некои со таа дијагноза живееле со децении, всушност ја немало болеста. Повеќето од нив земале лекови за лекување на мултипла склероза“, открила докторката.

„Не сум оздравела, Џејми! Ако ништо друго, состојбата ми се влоши“

Иако дознала дека дијагнозата ѝ била погрешна, Еплгејт нагласила дека нејзините исцрпувачки симптоми не исчезнале.

„Не можете да добиете погрешна дијагноза, а потоа одеднаш да ви стане подобро. Не сум оздравела, Џејми! Ако ништо друго, состојбата ми се влоши. Затоа повторно сум на почеток, бидејќи не знам што ми се случува“, раскажала актерката.

Таа додала дека нејзините лекари ќе мора детално да истражат што се случува со нејзиното здравје уште од 2021 година и зошто дошло до таква грешка.


Во вториот дел од поткастот, актерката повторно се расплакала додека зборувала за последиците што болеста, односно уверувањето дека боледува од неа, ги оставиле врз нејзиниот живот.

„Поради сето ова поминав низ многу тешка депресија. Но, изгубив сè. Ја изгубив работата. Изгубив … Извинете“, рекла таа низ солзи.

„Што ќе му кажете на некој кој шест години живеел со тоа? Боже, многу ми е жал. Тоа ми го запре животот. Сè уште морам да користам инвалидска количка кога одам на лекар. Не можам да го поминам растојанието од автомобилот до ординацијата. Сè уште се чувствувам вака“, додала таа.

Актерката нагласила дека ништо не се променило откако лекарката ѝ соопштила дека нема мултипла склероза.

„Ништо магично не се случи кога ми рече: ’Немате мултипла склероза‘. Апсолутно ништо“, истакнала таа.

Се чувствува како да ги изневерила луѓето кои минуваат низ истото

Еплгејт признала дека ѝ е тешко да го пронајде своето место во заедницата на луѓе кои боледуваат од мултипла склероза, особено затоа што во текот на изминатите години изградила блиски односи со многумина што се соочуваат со истата дијагноза.

„Чудно е, бидејќи имам чувство дека ги изневерив сите. Ти и јас станавме заштитни лица на мултипла склерозата. Сè што правев имаше смисла. Имав причина. По ѓаволите, имав причина поради која секој ден ми беше ужасен. А сега ја немам таа причина и тоа многу ме вознемирува и збунува“, раскажала Кристина.


Добитничката на наградата „Еми“ изјавила дека сè уште е „во состојба на шок“ поради погрешната дијагноза, опишувајќи го целото искуство како нешто што целосно ја избезумило.

Таа објаснила дека паузата од поткастот ја искористила за да се обиде да го прифати сето она што се случило, но и да се посвети на другите здравствени проблеми со кои се соочува.

Сепак, и покрај сè, актерката рекла дека на својата борба гледа како на „истата игра, само под друго име“.

Со години се борела со болест што ѝ го променила животот

Последен пат пред паузата, Еплгејт се појавила во поткастот во март. Џејми Лин Сиглер на 31 март објавила дека двете ќе направат кратка пауза од емисијата „MeSsy“.

Набргу потоа се појавија извештаи дека Еплгејт била хоспитализирана поради компликации поврзани со мултиплекс склерозата. Поткастот продолжил на 21 април, но во текот на следните месеци Сиглер сама ги снимала епизодите и угостила неколку специјални гости.


На Кристина првично ѝ била дијагностицирана мултипла склероза во 2021 година. Станува збор за прогресивна болест која го оштетува миелинот, заштитната обвивка на нервните влакна во централниот нервен систем.

Мултипла склерозата може да предизвика мускулна слабост, промени во видот, вкочанетост, проблеми со меморијата и нарушувања на дигестивниот систем.

Актерката, позната по серијата „Dead to Me“, првпат јавно се огласила во врска со извештаите за нејзината хоспитализација во април, набргу по објавувањето на нејзините мемоари „You With the Sad Eyes“.

Тогаш им се заблагодарила на обожавателите за поддршката и порачала дека здравствените проблеми претставуваат постојан предизвик за неа, но дека е силна и дека секој ден станува сè посилна и се чувствува подобро.


„Ќе одвојам малку време за да му се посветам на своето здравје, но наскоро ќе се вратам и ќе имам уште многу што да кажам“, рекла таа тогаш.

Во август, извор за магазинот „Пипл“ изјавил дека актерката се вратила дома по повеќемесечен престој во болница и дека „се чувствува многу добро“.

И покрај тоа, новото сознание за погрешната дијагноза отвори низа прашања на кои таа допрва треба да добие одговори. Кристина и понатаму се соочува со сериозни симптоми, а лекарите сега мора да утврдат што ги предизвикува нејзините здравствени проблеми и зошто нејзината состојба не се подобрила.