Жозе Мурињо во далеку попозитивно расположение се врати во Мадрид од Рим, особено кога се знае дека неговиот Реал направи чудесен пресврт и се избори за драматична победа во завршницата од мечот со Рома.
Трите гола за седум минути направија тимот на Мурињо да слави со 3:4, па понесени од оваа трилер победа, „кралевите“ сега ќе ги одмерат силите со Севилја на домашен терен.
Утрешниот ќе биде првиот од четирите кои нема да ги игра Винисиус Жуниор во Ла Лига поради суспензијата која ја доби од дисциплинското тело, а говорејќи на оваа тема, Жозе нагласи дека е задоволен од казната, бидејќи самиот тој очекувал и повеќе.
– За Вини сега следи пауза во Ла Лига, што значи дека тој ќе мора напорно да тренира, додека другите играат на секој натпревар. Без да дадам било какви ветувања, очекувам Винисиус да биде во стартниот тим на натпреварот кој го играме во среда во Лигата на шампиони. Што се однесува до суспензијата од четири натпревари, всушност сум задоволен. Да бидам искрен, мислев дека казната може да биде и построга. Се сомневав дека оние што не демнат од сенка можеби ќе се обидат да додадат уште еден или два натпревари суспензија. Подобро да застанам со коментирање тука на оваа тема, – изјави Мурињо, јасно алудирајќи дека некој од Федерацијата и Ла Лига упорно носи одлуки против Бразилецот.
Мурињо на прес-конференцијата која ја одржа денеска доби прашање и за темпераментот на Винисиус, односно беше запрашан како успева да се справува со него.
– Тој е извонреден млад човек и многу е лесно да се има добар однос со него. Навистина ми е драг, тој е фантастичен во секој поглед. Поседува огромна сила, успева да живее и да напредува, а притоа постојано да има насмевка на лицето. Да бев јас на негово место, веројатно немаше ни да бидам овде. Изминатово лето ќе инсистирав на трансфер во клуб и на стадион каде што ќе се чувствував почитуван. Но, поради љубовта кон овој клуб и овој град, но и затоа што верува дека работите можат да се подобрат, тој го продолжи договорот и сè уште ја носи истата насмевка. Секако дека може да биде под влијание на негативни фактори, на крајот на краиштата – тој е само човек. Но, исто така, не верувам дека некогаш некој ќе може да му ја одземе таа радост и насмевката на лицето, – изјави Мурињо.











