Манчестер Сити подготвува одговор на обвинувањата, еве што тврдат засега

Точка

02/10/2026

16:58

444

Големина на фонт

а а а

Манчестер Сити во жалбената постапка ќе тврди дека клучните спонзорски договори на клубот биле финансирани директно од владата на Абу Даби, а не од неговите сопственици, откако независна комисија утврди дека клубот ги прекршил финансиските правила на Премиер лигата.

Независната комисија во вторникот го прогласи Сити за виновен по сите точки од обвинението кои се однесуваат на прекршување на финансиските прописи на Премиер лигата во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18. Клубот во повеќе наврати остро ја негираше вината и најави дека до петок официјално ќе поднесе жалба на оваа одлука.

Сити беше прогласен за виновен за вештачко зголемување на приходите преку „лажни“ спонзорски договори, со директна помош од сопствениците. Според заклучоците на комисијата, „Abu Dhabi United Group (ADUG)“, приватна инвестициска компанија во сопственост на потпретседателот и заменик-премиер на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мансур, ја дополнувала вредноста на комерцијалните договори во рамките на „прикриена шема за финансирање“ во вкупен износ од околу 830,69 милиони фунти.

На тој начин, според наодите на комисијата, на клубот му било овозможено да прикаже дека во целост ги исполнува финансиските прописи на Премиер лигата и УЕФА.

Меѓутоа, како што пренесува „BBC“, повикувајќи се на свои извори, Манчестер сити пред жалбениот совет ќе тврди дека поседува докази оти парите насочени кон спонзорите доаѓале од државниот буџет на Абу Даби, а не од компанијата „ADUG“. Независната комисија претходно го отфрлила таквото објаснување како неточно, наведувајќи дека клубот дополнително ја осмислил таа верзија на настаните за да ги прикрие вистинските околности на наводната шема за прикриено финансирање.


Од Манчестер Сити соопштија дека одлуката на комисијата содржи „јасни материјални грешки во правото, принципите и фактите“ и дека поради тоа не може да се смета за веродостојна. За потсетување, шеикот Мансур е член на владејачкото семејство на Абу Даби и брат на претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Неговата компанија „ADUG“ го презеде Манчестер сити во 2008 година, а важечките правила на Премиер лигата дозволуваат државни субјекти да бидат официјални спонзори на клубовите.

Претседателот на Манчестер сити, Калдун ал Мубарак, во саботата изјави дека постојат „непобитни докази“ кои го поткрепуваат ставот на клубот дека не е виновен.


Истовремено, главниот спонзор на Сити, авиокомпанијата „Etihad Airways“, соопшти дека ја разгледува можноста за поведување правна постапка против Премиер лигата, наведувајќи дека објавувањето на заклучоците на комисијата има „штетни последици“ врз нејзиниот углед, иако компанијата не е конкретно именувана во редактираната верзија на наодите. Државната авиокомпанија на ОАЕ категорично ги отфрли сите наводи за учество во несоодветни комерцијални аранжмани. „Etihad“ е во сопственост на државен инвестициски фонд со кој претседава престолонаследникот на Абу Даби.