Еден месец по венчавката со Џастин Ејси, Талула Вилис објави ретка фотографија со својот татко Брус Вилис.
На фотографијата што ја сподели 32-годишната Талула, таа го бакнува својот 71-годишен татко во челото.
На актерот во 2023 година му беше дијагностицирана фронтотемпорална деменција. Покрај објавата, таа кратко напиша: „Толку слатко“, а обожавателите во коментарите оставија бројни пораки за поддршка.
Семејството во март 2022 година првпат објави дека ѕвездата на филмот „Умри машки“ се повлекува од актерството поради дијагнозата афазија, нарушување кое влијае врз способноста за комуникација. Во февруари 2023 година потврдија дека болеста напредувала и дека лекарите поставиле попрецизна дијагноза – фронтотемпорална деменција. Станува збор за неизлечива болест на мозокот која може да влијае врз говорот, однесувањето и личноста.
Минатиот август беше објавено дека актерот се преселил во посебна куќа покрај домот на неговата сопруга Ема Хеминг, за да може да добива деноноќна стручна нега.
Венчавка во семејниот дом
Брус Вилис се појави и на фотографија од венчавката на својата ќерка. На црно-белата фотографија, која ја објави „Vogue“, се гледа како ја прегрнува Талула. Таа и Џастин Ејси се венчале на отворено, во дворот на семејната куќа во Хејли, Ајдахо.
„Тоа е местото каде што научив да бидам слободна и станав сонувачот кој сум денес“, изјави Талула за „Vogue“.
„Џастин и јас поминавме толку многу време таму што и тој стана дел од тој имот, кој за мене и онака е исполнет со емоции“, изјави таа.
По венчавката, таа додаде дека е исполнета со благодарност и среќа поради новото животно поглавје, пренесува „Index.hr“.










