Филм инспириран од вистински настани за само четири дена стигна до првото место на Нетфликс: Но критичарите не се воодушевени

Точка

29/09/2026

16:51

694

Големина на фонт

а а а

Новиот филм „Unabomber“ (Унабомбаш) на Нетфликс ја освои публиката за само четири дена од премиерата и се искачи на првото место на листата на најгледани филмови и покрај прилично лошите оценки од критичарите.

„Unabomber“ е биографски криминалистички трилер заснован на вистински настани, кој го следи животот, психолошката трансформација и злосторствата на американскиот терорист Тед Качински.


Приказната се одвива низ две испреплетени временски линии. Еден дел од дејството го следи младиот Качински, математички гениј кој на само 16 години се запишува на Харвард. Овој дел детално ги прикажува неговите рани години и учеството во контроверзните и агресивни психолошки експерименти на професорот Хенри Мареј, спроведувани во рамки на тајни истражувања поврзани со проектот „МКУлтра“ на ЦИА, кои оставиле трајни последици врз неговата психичка состојба и погледот кон светот.

Паралелно со тоа, филмот го прикажува и подоцнежниот период од животот на Качински, кога тој живее целосно изолиран во дрвена колиба во Монтана и изведува серија бомбашки напади преку пошта, насочени кон универзитети, научници и авиокомпании. Од таа перспектива е прикажана и обемната истрага на ФБИ, како и профилирањето засновано врз анализа на неговиот радикален антитехнолошки манифест.

Главните улоги во „Unabomber“ ги толкуваат Џејкоб Тремблеј, кој го игра младиот Тед Качински, и Анеурин Барнард во улогата на повозрасниот Тед. Професорот Хенри Мареј, кој ги спроведува контроверзните експерименти на Харвард, го толкува Расел Кроу. Актерската екипа ја надополнуваат Лук Еванс, Тоби Џонс, Шарлот Генсбур и Муња Чавава.

Меѓутоа критиките за филмот на „Ротен томатос“ се исклучително негативни – од критичарите доби оценка од само 23 отсто, додека публиката е нешто поблагонаклонета, со оценка од 51 отсто.


Критичарите посочуваат дека двете паралелни приказни – неговите рани години на Харвард и подоцнежната потера на ФБИ – никогаш не се спојуваат во смислена и поврзана целина. Врската меѓу траумите од експериментите и неговиот подоцнежен тероризам е прикажана површно и премногу поедноставено.


Карла Хеј за „Culture Mix“ напиша: „Здодевната и предолга драма ’Unabomber‘ се обидува да го прикаже серискиот убиец Тед Качински како симпатична и погрешно разбрана жртва на психолошки експерименти“.

„Гледајќи го ’Unabomber‘, човек посакува попаметна, пософистицирана и поистражувачка верзија на оваа двојна приказна“, наведува Ричард Лосон за „The Hollywood Reporter“.


Билге Ебири, кој пишува за „New York Magazine“ и „Vulture“, изјави: „На крајот, ’Unabomber‘ нема што да каже – што, ако се земе предвид колку многу самиот Унабомбер имал да каже, делува како сериозен пропуст“.

Во повеќето рецензии се наведува дека филмот делува невешто и неинспиративно и дека не успева да понуди ниту впечатлив психолошки портрет, ниту возбудлив трилер, и покрај тоа што обработува историски мошне интересна тема.