16 години подоцна – повторно се бара гласот што ќе ја освои Македонија, на телевизиските екрани се враќа „Идол“, еве како да се пријавите

Точка

29/09/2026

10:13

1.545

Големина на фонт

а а а

По цели 16 години, музичките таленти во Македонија повторно ќе добијат можност да застанат пред големата сцена и да се борат за титулата нов музички идол.

Последен пат македонската публика следеше ваков формат во 2010 година, кога тогашната „А1 телевизија“ ја реализираше првата и досега единствена сезона на „Македонски идол“.

Во жирито тогаш беа Игор Џамбазов, Калиопи и Тони Михајловски, додека водители на шоуто беа Иванна и Ненад. Аудициите се одржуваа во десет градови низ Македонија, а победата му припадна на Иван Раденов, додека второто место го освои Мики Секуловски.

Шоуто беше своевидна отскочна даска и за неколку имиња кои подоцна продолжија да градат успешни музички кариери, меѓу кои и Јана Бурческа и Виктор Апостоловски.

Сега, по повеќе од една деценија, музичката сцена повторно се подготвува за нова генерација таленти.

Македонската радио-телевизија (МРТ) отвора нов музички конкурс и ги повикува заинтересираните кандидати да се пријават на аудициите. Како што е најавено, во фокусот ќе бидат нови вокали, но и кандидати кои покрај добар глас имаат препознатлив стил, сценска енергија и потенцијал за настап пред голема публика.


Кој може да се пријави?

Конкурсот е отворен за кандидати кои ги исполнуваат следниве услови:

Возраст: Од 16 до 30 години на денот на првата аудиција

Жанр: Нема ограничувања – можат да се пријават вокалисти од поп, рок, народна, урбана, џез и авторска музика

Државјанство: Лица со македонско државјанство или регулиран престој во Македонија

Карактеристики: Добар вокал, сценски настап и свој музички израз.

Еве како можете да се пријавите

Заинтересираните треба да испратат пријава на idol@mrtkasting.com.

Во пријавата треба да ги наведат:

Име и презиме;
Датум и место на раѓање;
Град/општина;
Телефонски број и е-пошта;
Кратка биографија до 150 зборови;
Линк или видео од изведба на една до две песни, во траење до три минути.

За аудицијата, кандидатите треба да подготват две песни по сопствен избор, од кои едната може да биде на македонски јазик. Матриците за песните треба да се достават однапред, во формат што ќе биде дополнително договорен.


„МРТ“ подготвува и поголемо освежување на забавната програма, со воведување на познати меѓународни телевизиски формати.

На јавниот сервис се најавува реализација и на музичкото шоу „Х-фактор“.

Аудициите би требало да опфатат повеќе градови низ земјава, а за нивната реализација се предвидуваат и промени во финансискиот план на „МРТ“, особено во делот на патните и продукциските трошоци.

Со враќањето на ваквите формати на телевизискиот екран, јавниот сервис најавува поголем простор за забавната и музичката програма од сопствена продукција.

Останува да видиме кои нови лица ќе ги освојат жирито и публиката и дали по 16 години Македонија ќе добие нов музички идол кој ќе ја продолжи приказната започната во 2010 година.

*Насловна фотографија - AI генерирана.