„Мислев дека ќе умрам“: Преживеаните сведочат за разорниот земјотрес во Јапонија

Макфакс

29/07/2026

10:50

241

Големина на фонт

а а а

Преживеаните од силниот земјотрес што ја погоди префектурата Кумамото во Јапонија ги опишуваат ужасните моменти кога зградите тресеше потресот од 7,1 степени според Рихтер. Земјотресот предизвика значителна штета, загинаа најмалку 13 лица, а спасувачките операции сè уште траат додека жителите се справуваат со последиците и обидуваат да ги обноват своите животи.

Работниот ден во ресторанот „Сендан Шокудо“ во јапонскиот град Јацуширо се приближувал кон крајот кога силен земјотрес ја затресол целата зграда. Предмети паѓале од полиците, а садовите се распрснале на парчиња. Тоа бил вовед во катастрофата што во вторникот вечерта ја погоди префектурата Кумамото, каде што во земјотресот со јачина од 7,1 степен според Рихтер загинаа најмалку 13 лица, објавува Би-Би-Си.

Сопственичката на ресторанот, 75-годишната Хироко Огата, во тој момент влегувала во објектот.

„Бев изненадена и преплашена. Веднаш се сокрив под една од масите, но таа силно се нишаше лево-десно“, раскажала таа.

Огата целиот свој живот живее во Јацуширо, област која се наоѓа покрај активни тектонски раседи и често е погодена од земјотреси. Во двата силни земјотреси во 2016 година загинаа 277 луѓе. Сепак, таа вели дека никогаш не доживеала толку силен удар.

„Земјотресот пред десет години не може да се спореди со овој. Мислев дека ќе умрам“, рекла таа.

Најмалку 13 лица загинаа, меѓу нив и тројца во трговскиот центар „Еон“ во градот Кумамото, а според информациите, уште десетина луѓе се заробени под урнатините.

Спасувачките акции сè уште траат, а јапонската премиерка Санае Такаичи предупреди дека времето за спасување брзо истекува. Веднаш по земјотресот, таа испратила 4.600 припадници на службите на терен и најавила дека тимовите ќе работат цела ноќ на проценка на штетите.

И покрај брзата реакција, десетици илјади жители на Кумамото останале без струја и вода. Оштетени се најмалку 45 здравствени установи. Урнати се надворешните ѕидови на замокот Кумамото од 17 век, а целосно е уништена молитвената сала на светилиштето Јацуширо, изградена во 19 век.

Само неколку стотини метри од урнатиот трговски центар, Јуи во моментот на земјотресот седела во канцеларијата на својата слаткарница.

„Не можев да разликувам што е звук од земјотресот, а што е звук од експлозија“, изјавила таа за Би-Би-Си.

„Можев само да се држам за столот додека силните потреси се нижеа еден по друг. Не знаев што чувствувам; во таква ситуација не можев да почувствувам ниту страв. Ни сега не знам како се чувствувам и не можам да го објаснам тоа“, рекла видно потресена.

Локалната жителка Михал Посан изјавила дека во продавниците „веќе нема вода ниту храна“.

Посан (25), која две години живее во Кумамото, за време на земјотресот била дома.

„Телевизорот падна врз мене, огледалото се скрши, а патиштата околу мене се оштетени“, рекла таа за Би-Би-Си.

Таа додала дека веќе подготвила торби за евакуација поради бројните последователни потреси.

Еден од жителите изјавил дека градот со часови го тресат последователни потреси.

„Луѓето стравуваат од нов силен земјотрес. По земјотресот во 2016 година следуваше уште еден само неколку дена подоцна“, рекол тој.

Шинџи Кијомото од Јапонската метеоролошка агенција ја повика јавноста да остане внимателна поради можноста од нови силни земјотреси. Тој потсети на трагичните настани од 2016 година, кога два разорни земјотреси се случија во рок од само неколку дена.

Во меѓувреме, жителите како Огата и Јуи се обидуваат да ја санираат штетата.

„Целиот мој ресторан е во хаос и не знам од каде да почнам. Но, мораме од нешто да живееме и што поскоро повторно да го отвориме ресторанот, па денес чистам“, рекла Огата.

„Но, штом почнам нешто да работам, следува нов последователен потрес и морам да застанам. Потоа повторно продолжувам, па повторно нè тресе… Сè оди многу бавно. Ако овие потреси продолжат, ќе биде многу стресно.“

Слаткарницата на Јуи засега останува затворена додека ја проценува штетата.

„Сè уште не сум проверила дали работи опремата, како печката. Дури кога ќе го направам тоа ќе знам дали ќе можам повторно да продолжам со работа“, изјавила таа.