[ВИДЕО] Разорен земјотрес во Јапонија: Луѓе заробени во урнат трговски центар, испукани патишта и мостови

Точка

28/07/2026

15:25

601

Големина на фонт

а а а

Земјотрес со магнитуда од 7,1 степени го погоди југозападниот дел на Јапонија, при што се повредени најмалку 50 лица, а накратко беше издадено и предупредување за цунами, кое беше повлечено во рок од еден час. Повеќе од 150.000 луѓе беа повикани да се преселат во евакуациски засолништа по земјотресот, кој ја погоди внатрешноста на островот Кјушу во 16:27 часот по локално време.

Јапонската метеоролошка агенција предупреди на можност од силни последователни потреси, поради плиткиот епицентар на длабочина од само 10 километри. Снимките што ги емитуваше националната телевизија „NHK“ веќе прикажуваат испукани патишта и мостови, како и неколку згради зафатени од пожар.

Јапонија, која се наоѓа на Пацифичкиот огнен прстен, е една од земјите најизложени на земјотреси во светот. Секоја година таму се регистрираат околу 1.500 земјотреси. „Сè уште ги проценуваме размерите на материјалната штета, но информирана сум дека има повредени“, изјави премиерката Санае Такаичи.

Неколку вработени исчезнати по уривањето на трговски центар

Неколку вработени се водат како исчезнати, откако дел од трговски центар се урнал по експлозија што следувала по силниот земјотрес кој го погоди јапонскиот град Кумамото, објави јапонската национална телевизија „NHK“, повикувајќи се на националната полиција. Пожарникарите пристигнале на местото на настанот, но не можат да влезат во зградата преку приземјето, што дополнително ги отежнува спасувачките операции, додава „NHK“.

Снема струја, испукани патишта и мостови

Според јапонската телевизија „NHK“, околу десет повредени лица се наоѓаат во дом за стари лица, додека најмалку 50 луѓе се хоспитализирани.

Железничкиот сообраќај е прекинат, а илјадници домаќинства останаа без електрична енергија. Главниот секретар на Владата, Минору Кихара, изјави дека на терен се испратени итните служби, вклучувајќи ги јапонските сили за самоодбрана, пожарникарите и крајбрежната стража.

„Ги повикуваме жителите на подрачјата кои беа особено силно погодени од потресите внимателно да ги следат информациите за евакуација што локалните власти ги објавуваат преку радиото, телевизијата и интернетот и да постапуваат смирено“, изјави тој.