Багеи: Иран нема да им дозволи на САД да одредат кога ќе започне или заврши војната

Макфакс

28/07/2026

14:40

242

Големина на фонт

а а а

Иранскиот портпарол Есмаил Багеи истакна дека земјата нема да дозволи САД да одредуваат кога ќе започне или заврши војната, нагласувајќи дека националните интереси и безбедност се примарни во политика на Иран и дека дипломатските можности ќе се искористат кога ќе бидат корисни.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека Иран нема да им дозволи на Соединетите Американски Држави да одредат кога ќе започне или кога ќе заврши војната, нагласувајќи дека одлуките на иранското државно раководство за одбраната и дипломатијата се водени исклучиво од националните интереси и националната безбедност.

На прес-конференцијата, Багеи коментираше за медиумските извештаи дека Иран и САД се согласиле за заеднички предлог на Пакистан и Катар за воспоставување прекин на огнот и рестартирање на преговорите, предупредувајќи дека во исто време, испораката на американско оружје во регионот продолжува, објави иранската државна телевизија „ПрешТВ“.

Зборувајќи за процесот на донесување одлуки во Иран, Багеи рече дека политиката на Иран се одредува преку добро воспоставени институционални механизми, а не под надворешен притисок.

„Имаме принципиелна позиција и не ни е грижа за нафтата или американските проблеми. Она што е важно за нас се нашите национални интереси, националните интереси на нашата земја“, рече Багеи.

Тој објасни дека дефинирањето на националните интереси на Иран не е равенка со една променлива, туку став базиран на бројни, различни фактори.

„Она што ги води нашите одлуки е нашата национална безбедност и националните интереси. Одлуките се донесуваат преку целосно транспарентен и јасно дефиниран процес што ги вклучува сите релевантни надлежни тела“, рече Багеи.

Тој рече дека Иран никогаш не им дозволил, ниту пак ќе им дозволи на САД да диктираат време на војна и мир. „Ќе продолжиме да се браниме сè додека нашите национални интереси и интересите на земјата го бараат тоа. Секогаш кога ќе заклучиме дека дипломатијата може да послужи како ефикасен инструмент за заштита на нашите национални интереси, сигурно ќе ја искористиме таа можност“, рече Багеи.

Тој остро го осуди неодамнешниот смртоносен украински напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море, истакнувајќи дека злосторството се случило и покрај фактот дека Иран никогаш не бил вклучен во конфликтот меѓу Русија и Украина.

„Ова злосторство е нелегален чин што нема да остане без одговор“, рече Багеи, нагласувајќи дека земјите што се сметаат себеси за поддржувачи на украинскиот режим, исто така, треба да ја сносат одговорноста за оваа ситуација.

Багеи нагласи дека Иран не се стреми кон конфликт со своите соседи, иако некои земји во регионот дозволиле нивните територии да се користат за напади врз Иран, а во некои случаи и самите учествувале во овие операции.

„Апсолутно немаме никакво непријателство кон ниту еден од нив. Напротив, постојат бројни врски и заеднички интереси меѓу Иран и земјите на јужните брегови на Персискиот Залив“, рече Багеи.