Европа во готовност додека смртоносниот топлотен бран се шири на исток и југ

Макфакс

26/06/2026

21:10

250

Големина на фонт

а а а

Здравствените власти во Европа се на висока готовност поради смртоносен топлотен бран кој предизвикува сериозни проблеми како што се забрани на алкохол на јавни места, откажување на големи настани, деформација на патишта и железнички пруги, како и сериозни последици за здравјето на граѓаните.

Здравствените власти низ цела Европа се во висока готовност бидејќи смртоносниот топлотен бран го зафаќа континентот, забранувајќи алкохол на јавни места и откажувајќи масовни собири во Франција, топејќи ги патиштата во Германија и искривувајќи ги железничките пруги во Шведска.

Научниците рекоа дека топлотниот бран, кој започна на 20 јуни, е најлошиот досега забележан во Европа, каде што климата се менува побрзо од светскиот просек.

Највисоките температури се забележани во Франција и Велика Британија, каде што беа срушени јунските рекорди. Во Италија, сепак, се очекуваше дека топлината ќе се интензивира за време на викендот и ќе ги донесе првите температури од 40 степени Целзиусови оваа година, пишува агенцијата Ројтерс.

Во средата, Париз достигна рекордни 40,9 степени за месец јуни. Иако се очекува мало намалување на температурите, властите се подготвуваат за нови жртви.

„Ќе има последици во форма на зголемен број смртни случаи“, изјави француската министерка за здравство Стефани Рист.

Низ целиот континент, бројни културни споменици беа затворени, додека земјоделството претрпе значителни штети. Во Велика Британија, лекарите предупредија дека екстремната топлина влијае на работата на клучната медицинска опрема, вклучително и апаратите за магнетна резонанца во болниците.

Париската полиција побара од организаторите на големи настани, вклучително и музичкиот фестивал Solidays, да ги откажат. Организаторите на Парадата на гордоста го објавија одложувањето на настанот. Во Белгија, реконструкцијата на Битката кај Ватерло од 1815 година, во која францускиот император Наполеон Бонапарта бил поразен и протеран, исто така беше откажана поради топлината.

Црвен аларм во Англија и Холандија

Екстремната топлина предизвика деформација и пукање на асфалтот на автопатот А2 во Германија во четврток вечерта. Во Австрија, националната железничка компанија предупреди дека може да има извиткување на железничките пруги во наредните денови.

Ни Шведска не беше поштедена. Товарен воз излета од шините доцна во четврток откако високите температури ја деформираа пругата, со што се запре сообраќајот помеѓу Стокхолм и вториот по големина град, Гетеборг.

Британската метеоролошка служба за прв пат го продолжи црвеното предупредување за екстремна топлина за поголемиот дел од јужна и источна Англија трет ден по ред. Температурата од 36,9 степени значеше дека рекордот за најтоплиот ден во јуни беше соборен три дена по ред. Стотици училишта останаа затворени, а службите за итни случаи во Лондон пријавија зголемување од 50 проценти на повиците за помош. Полицијата соопшти дека тинејџер починал откако влегол во езеро во централна Англија.

Црвено предупредување е издадено за речиси цела Холандија, каде што многу училишта беа затворени, додека се очекуваа температури до 40 степени.

„Очекував да биде жешко, но не толку жешко“, рече 20-годишната Новозеланѓанка Руби Прескот, надевајќи се дека ќе најде освежување во Ријксмузејот во Амстердам.