Победникот на „Ѕвездите на Гранд 2026“, Бојан Илиевски, на гости кај градоначалничката на Општина Кисела Вода

Макфакс

26/06/2026

11:00

2.918

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, се сретна со победникот на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд 2026“, Бојан Илиевски, и му посака успех во неговата кариера, истакнувајќи ја поддршката на локалната самоуправа за млади талентирани луѓе.

Градоначалничката, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес оствари средба со Бојан Илиевски, победник на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд 2026“, упатувајќи му искрени честитки за големиот успех и за достоинственото претставување на Македонија на регионалната музичка сцена.

На средбата беше истакнато дека Општина Кисела Вода е средина од која произлегуваат бројни млади, талентирани и успешни луѓе, а локалната самоуправа останува посветена на нивната поддршка и афирмација во различни области, особено во културата и уметноста.

Во таа насока на манифестацијата Културно лето на Општина Кисела Вода, ќе настапи и Никола Станишиќ, победник на „Ѕвездите на Гранд 2025“.

„Кисела Вода отсекогаш била дом на талентирани, вредни и успешни млади луѓе. Нашата обврска како локална самоуправа е да ги препознаеме, да ги поддржиме и да им дадеме простор нивниот талент да биде видлив и ценет. Искрено му честитам на Бојан за големиот успех и сум убедена дека ова е само почеток на една блескава музичка кариера“, изјави Стаменкоска Трајкоска.