Митрески: Власта удри по наставниците, ама не се откажува од своите луксузи и привилегии

Макфакс

26/06/2026

20:10

228

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, во собраниската расправа за измените на законите за основното и средното образование порача дека најавената оптимизација во образованието не смее да се спроведува на сметка на наставниците.

Тој предупреди дека илјадници просветни работници се соочуваат со неизвесност за своите работни места, додека Владата не покажува подготвеност да ги намали сопствените трошоци и привилегии. Митрески порача дека доколку навистина постои потреба од оптимизација, таа треба да започне од институциите, а не од оние што ја образуваат и воспитуваат иднината на државата.

„Не ми се верува колку лесно поминуваме една тема за едни луѓе кои што не се многу важни, туку се најважни во општеството и во нашата држава. Значи зборуваме и за учителите и за наставниците и за професорите кои што нивната професија не е само професија. Значи тоа што го работат не е само професија. Тие и воспитуваат и образуваат и инспирираат и креираат иднина. А ние овие два закони денес ќе ги поминиме во полупразна сала.

Зборуваме за нивната иднина, вака лесно со надмудрување кој што правел, не знам кога правел. Денес зборуваме за последици од проблем кој што има минато. Денес ако зборуваме дека бројот на нашите граѓани, на населението се намалува, на учениците се намалува, тоа што треба да кажеме дека наставниците се кривица. Нив ќе ги бркаме. Професорите се криви. Нив ќе ги бркаме. Ние прво треба да кажеме дека ние сме криви. Ние овде што седиме, ние сме криви за тоа што бројот на население се намалува и за бројот на ученици се намалува. И криви се и тие пред нас. И криви сме 30 години што дозволивме бројот на население да се намалува и бројот на ученици да се намалува“.

И сега на кого да удриме, праша пратеникот.

„Ќе удриме на наставниците и професорите. Јас не би сакал да ги нападнам колешките пратеници потписници на овој закон, се случувало и во минатото, да не ме разберат погрешно. Јас знам дека иделе министрите, го носеле законот, потпишете го, пуштете го во процедура. Се случувало и во минатото. Меѓутоа ве повикувам да размислите добро затоа што гледам дека три од шесте потписници се просветни работници. Знаете, треба да се вратите кај нив да ги погледнете во очи. А знаете дека ова што го зборувам е така. Образовни асистенти една година, ако нема во пензија, следна година дома. 2.000 ќе се пензионираат во следните пет години, а 6.000 имаат проблем. Значи тоа е вистината и треба да ја кажеме, тоа е вистината со име и презиме.

И ако даваме примери за оптимизација, ако сакаме да правиме оптимизација во државата треба да почнеме од себе, ние да дадеме пример. 30 министри има оваа Влада, 30 секретарки, 30 шофери, 30 кабинети, 30 заменици министри има оваа Влада, 30 секретарки, 30 кабинети, шофери итн. 30 државни секретари има оваа Влада. 30 секретарки, 30 шофери, возила, кабинети“.

Тој предложи најпрво во тие редови да се направи кратење.

„Од себе да почнеме. Еве да пуштиме промена на Устав, да речеме ова Собрание нема да е 120, 90 нека биде. Ние да го покажеме примерот. На кого ќе удриме? На просветните работници, на тие што образуваат, на тие што воспитуваат, на тие што ја креираат иднината на оваа држава.

Знаете една изјава, да не бидам сфатен саркастично, оваа голема јака наша држава, на оваа голема наша јака држава ѝ е потребен нов владин авион. Не ли ви е срам малку кога ќе се каже тоа – нов владин авион, а сега велите треба да ги избркаме наставниците од работа. Два месеци човек министер не одеше на работа. Два месеци еден да дојдеше да речеше два месеци зема плата, дај да го разрешиме. На кого ќе удриме? На наставниците.

Има една изјава на министерката којашто вели училиштата ќе ги претвориме во старечки домови. Да знаете, таа изгледа најточната изјава ако продолжите вака да се однесувате и вака да ги решавате овие проблеми. Училиштата ќе ги претвориме во старечки домови затоа што во оваа држава ќе останат да живеат само пензионери“.