[ФОТО] Температури и до 45 степени: Метеоролозите предупредуваат на топлотна купола која носи пекол - еве каква е прогнозата за Балкан

Точка

19/06/2026

21:34

1.259

Големина на фонт

а а а

Иако летото календарски сѐ уште не е започнато, Европа ја очекува првиот сериозен топлотен бран оваа сезона. Метеоролозите предупредуваат дека силна „топлотна купола“ во текот на наредните денови ќе зафати поголем дел од континентот, носејќи температури и до 45 Целзиусови степени во поединечни делови од Португалија, Шпанија и Франција.

Според прогнозата на метеоролошкиот портал „Severe Weather Europe“, над западна и централна Европа се формира масивна област на висок воздушен притисок, позната како „топлотна купола“, која ќе зароби исклучително топол воздух пристигнат од Сахара и ќе го спречи неговото мешање со постудени воздушни маси.

Експертите предупредуваат дека овој временски образец ќе доведе до долготраен период на екстремни горештини, а дополнителен проблем претставува фактот што почвата низ Европа веќе е исклучително сува по рекордно топлиот крај на мај. Поради тоа, природниот процес на ладење преку испарување ќе биде значително ослабен, што дополнително ќе придонесе за пораст на температурите.


Имено, се очекува температурите да бидат од 14 до 18°C над просекот за крајот на јуни, а локално и повеќе.

Топлотниот бран од викендот ќе се шири од северозападна Африка кон југозападна и западна Европа, а потоа постепено ќе продолжи кон север и исток, доминирајќи во поголемиот дел од Европа во текот на остатокот од јуни. Во текот на викендот и следната недела се очекува и повисок воздушен притисок од вообичаениот во западните и централните делови на континентот. Подрачјето со висок притисок дополнително ќе се шири и ќе биде над просекот речиси насекаде, освен на крајниот југоисток, крајниот север на Европа и над Северниот Атлантик.

Шпанија, Португалија и Франција најмногу на удар

Највисоки температури се очекуваат на Пиринејскиот Полуостров. Во Португалија и Шпанија на почетокот на следната седмица можни се вредности и до 45 Целзиусови степени.

Франција исто така ја очекува исклучително тежок период. Поединечни метеоролошки модели предвидуваат дека во централните, северните и западните делови на земјата температурите во понеделник би можеле да достигнат меѓу 41 и 44 степени.

Во Париз и другите поголеми градови се очекува повеќедневен период со температури меѓу 35 и 40 степени, што е и до 15 степени над просекот за крајот на јуни.


Топлотниот бран се шири кон север и исток

Горештините во текот на викендот ќе ги зафатат и Германија, земјите од Бенелукс и Обединетото Кралство, каде температурите главно ќе надминуваат 30 степени.

Во Италија се очекуваат температури меѓу 35 и 40 степени, додека во долината на реката По на почетокот на следната седмица локално би можело да биде и потопло.

Метеоролозите наведуваат дека и Балканот ќе го почувствува влијанието на овој бран, но засега не се очекуваат екстреми како оние во Франција или Шпанија. Температурите во поголемиот дел од регионот би требало да се движат меѓу 30 и 35 степени, иако според мапите – сосема солидно ќе нѐ зафати и нас.

Што е „топлотна купола“?

Топлотна купола настанува кога над големо подрачје ќе се задржи силен систем на висок воздушен притисок. Тој дејствува како капак на тенџере – го спречува издигнувањето на топлиот воздух и неговото мешање со постудените слоеви на атмосферата.


Поради тоа, воздухот при тлото дополнително се загрева – овој временски образец носи високи, а понекогаш и рекордни температури во подрачјето под него. Исто така, овој израз се користи кога широка област со воздух под висок притисок ќе се задржи над голем дел од континентот, а ако појавата е особено стабилна и екстремна, обично трае неколку дена или дури неколку недели.

Токму ваквите метеоролошки услови беа една од клучните причини за некои од најинтензивните топлотни бранови што во последните години ги погодија Европа, САД и Канада.

Ризик од суша и пожари

Метеоролозите предупредуваат дека долготрајниот период на високи температури би можел дополнително да ја влоши сушата во многу делови од Европа и да го зголеми ризикот од шумски пожари.

Бидејќи се очекува силниот систем на висок притисок да се задржи над Европа до крајот на месецот, постои можност топлотниот бран да продолжи и во последните денови од јуни.