ДОМ реагира на најавите за нова законска рамка за изградба на дата центри, нагласувајќи ја потребата од целосна транспарентност и јавна дебата пред носење на какви било законски измени. Тие истакнуваат прашања поврзани со енергетската политика, влијанието врз животната средина и локалните заедници, како и потребата од детален и инклузивен процес при креирање на новата регулатива.
Најавите на Владата за подготовка на нова законска рамка за изградба на дата центри отвораат сериозни прашања поврзани со енергетската политика, користењето на природните ресурси и долгорочниот јавен интерес, сметаат од ДОМ.
„ДОМ смета дека пред да се пристапи кон измени на законите и создавање поволности за нови инвестиции јавноста има право да добие јасни одговори за ефектите што овие проекти ќе ги имаат врз енергетскиот систем, животната средина и локалните заедници. Особено е важно да се разјасни: Колкави ќе бидат потребите од електрична енергија на планираните дата центри? Дали постојната енергетска инфраструктура може да ги поддржи овие капацитети без дополнителен притисок врз граѓаните и стопанството? Колкава ќе биде потрошувачката на вода и какво ќе биде влијанието врз локалните ресурси? Дали ќе се спроведуваат задолжителни оценки за влијанието врз животната средина и јавни консултации со засегнатите заедници и какви економски придобивки ќе има државата и колку трајни работни места ќе бидат создадени?“, велат од ДОМ.
ДОМ потсетува дека Македонија сè уште се соочува со сериозни предизвици во енергетската транзиција, енергетската ефикасност и можностите за приклучување на нови капацитети од обновливи извори на енергија. Затоа, велат од партијата, секоја нова политика во оваа област мора да биде внимателно анализирана и да се темели на факти, а не на брзи законски измени донесени без широка јавна расправа и во интерес на приватни инвеститори.
„Ги повикуваме Владата и надлежните институции да ги објават сите релевантни анализи и критериуми врз основа на кои ќе се креира новата регулатива и да обезбедат инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени експертската јавност, граѓанските организации и локалните заедници. Технолошкиот развој мора да оди рака под рака со заштитата на јавниот интерес, енергетската одржливост и животната средина“, се наведува во соопштението.











