Неверојатна наезда од комарци, небото се затемни, туристите спас побараа во автомобилите

Точка

10/06/2026

22:39

599

Големина на фонт

а а а

Сцена која потсетува на „библиска катастрофа“ е забележана во руската република Бурјатија, каде што туристите биле принудени да се засолнат во своите автомобили откако огромни роеви комарци буквално го „затемниле“ небото.

Снимките кои се шират на социјалните мрежи прикажуваат инсекти како лебдат над подрачјето на езерото Шчучје, создавајќи глетки кои кај многумина предизвикале неверување и непријатност.

Морале да побараат засолниште

Туристите пристигнале до живописното езеро со желба да уживаат во природата и мирниот одмор, но нивното патување се претворило во неверојатна сцена.

Наместо релаксација покрај водата, ги пречекале огромни роеви комарци, пренесува „News.com.au“.

Според локалните медиуми, бројот на комарци бил толку голем што дел од очевидците ја споредиле сцената со „наездите на скакулци од библиските приказни“.

На снимките се гледа како инсектите кружат над патот и околната вегетација, додека луѓето биле принудени да побараат засолниште.

Снимките предизвикаа лавина од коментари

Бегајќи од ројот, туристите втрчале во автомобилите и ги затвориле прозорците, надевајќи се дека ситуацијата ќе се смири и дека инсектите наскоро ќе се разотидат.

Сепак, по подолго чекање станало јасно дека од планираниот излет нема да има ништо.

Посетителите на крајот се откажале од обиколката на езерото и го напуштиле подрачјето, додека снимките предизвикале лавина од реакции на социјалните мрежи.

„Оваа година комарци има насекаде во огромен број, но вакво нешто никогаш претходно не сум видел“, напишал еден корисник.

„Страшно, како наезда од скакулци“, додал друг.


Совети од експертите

Ентомолозите наведуваат дека оваа година е регистрирана исклучително висока активност на комарците и дека ваквата состојба би можела да потрае уште неколку дена.

Поради тоа, локалните власти им препорачале на жителите и туристите да користат средства против инсекти, како и облека со долги ракави и ногавици која може да обезбеди дополнителна заштита од убоди.

Експертите предупредуваат дека престојот на отворено, особено во близина на мочурливи и водени подрачја, моментално не се препорачува без соодветна заштитна опрема.