Организаторите на аргентинската радиостаница „Vorterix“, која своите емисии често ги пренесува и преку интернет, направиле неверојатен гаф што стана вирален хит ширум светот. Во емисија посветена на вонземјани по грешка наместо уфолог поканиле – уролог.
Иако називите на овие професии се разликуваат само во една буква, изразот на лицето на несреќниот лекар уште од самиот почеток покажувал дека немал поим зошто се наоѓа таму. Збунетоста кулминирала кога водителот на почетокот на емисијата го прашал од каде му е толку големото знаење за можниот вонземски живот.
„Но јас сум уролог, не уфолог“
Лекарот збунето го прекинал и рекол: „Но јас сум уролог, не уфолог“, што предизвикало наплив на смеа во студиото. Набрзо се насмеал и самиот лекар кога сфатил што всушност се случило.
Тема на емисијата биле неодамна објавените документи за неидентификувани појави на небото. Бидејќи веќе се нашол во студиото, водителите сепак го замолиле да каже што мисли за можното постоење на вонземјани.
„Не верувам во вонземски живот. Можеби постои, но не знам“, кратко заклучил тој.






