Како дете преживеал рак – му кажале да заборави на спортот: Сега неочекувано ќе настапува на Мундијалот

Точка

10/06/2026

16:09

578

Големина на фонт

а а а

Канадската фудбалска репрезентација, еден од домаќините на претстојното Светско првенство, доби нов херој уште пред топката да тргне од центарот. Џејден Нелсон (23), крилен фудбалер од Остин, покасно бил вклучен на списокот за на Светското првенство, но она што го издвојува од сите други играчи не е само неговата брзина, туку и неверојатната животна борба што ја водел како дете.

Имено кога имал само 18 месеци, на Нелсон му била дијагностицирана ретка форма на рак на тестисите. Болеста била толку агресивна што набрзо се проширила на белите дробови. Во моментите кога се борел за животот, лекарите им соопштиле сурова дијагноза на неговите родители – шансите Џејден некогаш да стане професионален спортист или да води активен живот биле речиси непостоечки.

„Имав само 18 месеци кога ми беше дијагностициран рак. Болеста се врати и се прошири на белите дробови. Можев да умрам. Лекарите рекоа дека нема шанси да бидам фудбалер, но ги надминав сите прогнози“ изјавил Нелсон за „Give me Sport“.


По тешките циклуси на хемотерапија, малиот Џејден ја добил најважната битка и влегол во ремисија. Денес, тој ја користи својата приказна за да инспирира други деца кои се борат со сериозни болести.


Нелсон имал среќа и на спортскиот терен, иако на сметка на несреќата на неговиот соиграч. Имено поранешниот играч на Арсенал, Марсело Флорес, минатиот месец го скинал предниот вкрстен лигамент, отворајќи место во составот. Селекторот на Канада, Џеси Марш, не се двоумел и го повикал Нелсон, кој бил на „стендбај“.

„Играњето за Канада на Светското првенство е остварување на сон. Џеси Марш е како татковска фигура за нас младите играчи. Верувам дека сум негов тип играч – брз сум, технички стабилен и работам напорно“ изјавил Нелсон, кој веќе постигнал гол во подготвителниот натпревар против Узбекистан минатата недела.


Канада ќе го отвори натпреварувањето во Групата Б во петок со натпревар против Босна и Херцеговина. Катар и Швајцарија се исто така во групата, а Канаѓаните се надеваат дека пред домашната публика ќе стасаат до својата прва победа во историјата на светските првенства.