Дидие Дешамп е пред својот последен голем турнир како селектор на Франција и ќе се одјави онака како што доликува, односно како лидер на тимот кој ќе настапи на ново Светско првенство.
Франција играше во финалињата на двата последни мундијали и дел од тој пат беше токму Дешамп, кој по мундијалот кој следи ќе стави крај на своето импресивно патување како национален селектор.
Човекот кој ја освои светската титула и како играч и како селектор е свесен дека често е мета на критики во родната земја, но и во таква ситуација, не бега од фактот дека Франција е еден од главните фаворити за титулата на Светското првенство.
– Ние сме едни од фаворитите за највисок дострел на мундијалот, тоа не е табу тема за мене. Ако имаме таков статус, тоа значи дека сме правеле нешто многу добро низ годините. Статистиката вели дека игравме две финалиња на Светските првенства, а тоа што се уште сум селектор вели дека сме правеле добри работи. Да не беше така, сега сигурно немаше да бидам дел од тимот.
– На другите страни од светот добивам повеќе признание за тоа што го правам, но таква е културата во Франција и јас сум навикнат на тоа, – вели Дешамп, кој иронично им возврати на критичарите кои велат дека Мбапе не може да игра како централен напаѓач.
– Мора да сум глупав што го играм Мабпе како централен напаѓач. Сигурно имало и други неспособни тренери кои го ставаа Мбапе како напаѓач во своите тимови. Изминативе две години во Реал и претходно во ПСЖ тој играше како централен напаѓач, па сигурно треба да си глупав за да форсирате такво нешто….., – иронично порача Дешамп.






