Една година по смртта на сопругот, почина од тага на 57-годишна возраст: Светот остана без големата Марџан Сатрапи, авторката на „Персеполис“

Точка

04/06/2026

18:04

821

Големина на фонт

а а а

Марџан Сатрапи, француско-иранска уметница, прославена авторка на стрипови и книги за деца, илустраторка и режисерка, почина на 57-годишна возраст, соопшти денес нејзиниот тим.

Како што е наведено во соопштението, Сатрапи „починала од тага нешто повеќе од една година по смртта на нејзиниот сопруг, продуцентот и сценарист Матијас Рипа“.

Марџан е родена во 1969 година во Иран. Пораснала во Техеран, во семејство кое било вклучено во комунистички и социјалистички движења во Иран пред револуцијата. Посетувала француски лицеј и како дете била сведок на сè посериозно кршење на човековите права и влијанието на иранската политика врз секојдневниот живот: падот на шахот, раните денови на режимот на ајатолахот Хомеини и првите години од иранско-ирачката војна.


Во 1983 година, нејзините родители ја испратиле четиринаесетгодишната Марџан во Виена за да ја заштитат од иранскиот режим. Таму посетувала француска школа, но подоцна се вратила во Иран. Студирала визуелна комуникација и на крај дипломирала на Исламскиот универзитет Азад во Техеран.

По завршувањето на студиите се преселила во Стразбур, а потоа во Париз, каде живеела до крајот на животот и редовно пишувала за разни светски списанија и весници, меѓу кои „Њујоркер“ и „Њујорк Тајмс“.

Еден од најценетите стрип-романи на нашето време

Авторка е на стриповите „Персеполис“, „Персеполис 2“, „Везови“ (Embroideries), „Кокошка со сливи“ (Chicken with Plums) и неколку книги за деца. Заедно со Венсан Пароно го напишала сценариото и го режирала анимираниот филм „Персеполис“, кој бил номиниран за Оскар.

„Иако е универзален филм, сакам да ја посветам оваа награда на сите Иранци“, изјавила Сатрапи за АФП своевремено.

„Персеполис“, којa таа го пишувала и цртала од 2000 до 2003 година, е еден од најценетите стрип-романи на нашето време.

Вредно литературно сведоштво за животот во Иран во текот на пресвртниот период од крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години.

Мудар, смешен и потресен, „Персеполис“ е дневник на растењето на Марџан Сатрапи во Иран за време на Исламската револуција.

На моќни црно-бели стрипски слики, Сатрапи ја раскажува приказната за времето што го поминала во Техеран меѓу шестата и четиринаесеттата година од животот – годините кога била сведок на падот на режимот на шахот, триумфот на Исламската револуција и страшните последици од војната со Ирак.

Како интелигентна и отворена ќерка единка на посветени марксисти и правнука на еден од последните ирански шахови, Марџан сведочи за детството кое на единствен начин се испреплетува со историјата на нејзината земја.

Тоа е исклучително лична, длабоко политичка и целосно оригинална приказна која нè потсетува колку човечкиот живот страда во војна и за време на политичка репресија. Таа ни покажува како можеме да преживееме, со смеа и солзи, и покрај бесмислата.

Марџан била еден од истакнатите гласови на иранските жени по протестите што избувнаа во Иран по смртта на 22-годишната Махса Амини во 2022 година. Амини почина во притвор откако беше уапсена за наводно кршење на женскиот кодекс на облекување.

На протестот во Париз по повод втората годишнина од нејзината смрт, Сатрапи беше меѓу собраните кои го скандираа слоганот „Жени, живот, слобода“.


Нејзината работа не е ограничена само на теми поврзани со Иран. Таа, исто така, го режирала филмот „Радиоактивно“ од 2019 година, биографска драма за пионерката на радиоактивноста и добитничка на Нобелова награда, Марија Кири, во која глуми Розамунд Пајк.

Нејзиниот сопруг, Матијас Рипа, кого го запознала во Париз, ѝ бил долгогодишен соработник. По неговата смрт, Сатрапи ја основала Филмската фондација „Матијас и Марџан Рипа-Сатрапи“, која ги поддржува меѓународните студенти кои сакаат да дојдат во Париз за да студираат филм.


По смртта на нејзиниот сопруг, нејзиниот инстаграм-профил речиси целосно бил сведен на серија објави со пораката „Затоа што ја изгубив љубовта на мојот живот“, придружена со фотографија од нејзиниот сопруг и информации за работата на фондацијата.