Има дури 18 Мишелин ѕвезди, а за него веројатно никогаш не сте слушнале

Точка

04/06/2026

17:49

674

Големина на фонт

а а а

Иако би се очекувало 18 Мишелин ѕвезди да ве направат светски познато име, францускиот шеф Јаник Алено (57) останува релативно непознат надвор од својата татковина.

И покрај импресивната низа признанија, овој извонреден готвач ја задржал неверојатната скромност и фокусот го става на својот тим, а не на личната слава, пишува „Food Bible“.


Кога ќе се соочи со своите достигнувања, Алено веднаш го префрла акцентот на своите соработници. „Луѓето велат: ’Јаник Алено има 18 Мишелин ѕвезди‘, но јас сметам дека тоа пред сè е признание за тимот“, изјавил тој за Си-ен-ен. „Опкружен сум со исклучително компетентни и способни луѓе, а јас сум само нивен водич. Прекрасно е да се види како сите напредуваат“, истакнал тој.

Љубов кон сосовите

Алено долго време добива пофалби поради својата работа со сосовите, кои во Франција и во поголемиот дел од Европа излегле од мода по 1970-тите. Тој ги нарекува „глаголи на француската кујна“ – начин на кој поединечните состојки се поврзуваат во нова целина. Копнеејќи по времињата кога секоја кујна имала свој мајстор за сосови, почнал да развива сопствени уникатни методи.


Познат е по креативноста и техниките како дехидрација и ферментација, со кои го извлекува максимумот од вкусот. Тие сосови ги нарекува „екстракции“, а еден од популарните примери е неговиот сос „cacio e pepe“, во кој користи екстрахирано сирење пекорино.

Патот до славата

Неговата љубов кон готвењето започнала уште на рана возраст, а сонувал дека ќе стане готвач уште од својата осма година. Инспирацијата ја пронашол кај своите родители, кои воделе маалско бистро. „Потекнувам од големо семејство, едно од оние што потсетуваат на семејствата од романите што денес ги романтизираме“, раскажал тој.


Заслугите за својата доживотна страст кон храната им ги припишува и на баба си и на роднините. „Тие ме инспирираа да ја изберам оваа кариера“, се присетил тој. Се школувал кај многу престижни француски шефови, што му овозможило да работи во бројни врвни ресторани, а првата Мишелин ѕвезда ја освоил уште во 2000 година во ресторанот „Scribe“.


Признанија од струката и менторство

Претходно оваа година, неговиот најнов ресторан во Париз исто така добил ѕвезда, со што вкупниот број пораснал на импресивни 18 ѕвезди во 21 ресторан, изедначувајќи се со рекордот на Ален Дикас. Алено креирал и појадок со Мишелин ѕвезда во лондонскиот ресторан „Pavyllon“ во хотелот „Four Seasons“. За Си-ен-ен открил дека има желба „да напише сопствен кулинарски речник, оној што може да се изрази само преку сосови“.


Уша Хејли од Универзитетот „Wichita State“, која со години ги проучувала шефовите со Мишелин ѕвезди, објаснила зошто Алено е помалку познат надвор од Европа. „Неговиот кулинарски стил, модерната кујна, се доживува поинаку од традициите што се потпираат на приказна. Алено дозволува храната да зборува сама за себе, наместо да ја засени со придружна ’приказна‘. Гостите му стануваат исклучително лојални токму поради квалитетот на неговата кујна“, објаснила таа, нарекувајќи го еден од „интелектуално најсериозните шефови кои денес работат каде било во светот“.


Неговото влијание се гледа и во успехот на готвачите што ги обучувал. Откако околу четириесет шефови со кои работел исто така освоиле ѕвезди, во 2024 година му била доделена и наградата „Michelin Chef Mentor“, како дополнителна потврда за неговото наследство.