Прогласени се најдобрите дестинации за првото заедничко патување како пар: Дури два екс-ју бисери се најдоа во топ 5

Точка

04/06/2026

20:11

309

Големина на фонт

а а а

Индексот на успешност на патувања за парови ги оценува дестинациите според фактори како што се пристапност, безбедност и нивото на стрес предизвикан од гужвите.

Првото заедничко патување често е пресвртница за врската – „или ќе успее или нема“. Што ако вашиот партнер сака да спие до доцна, а вие станувате рано? Што ако тој или таа сака само да лежи на плажа, додека вие сте љубител на музеи и галерии? Што ако нема разбирање за половина час тивко скролање по телефон во кревет пред вечера?


Можеби звучи претерано, но многумина мислат исто, пишува „Euronews“. Според истражување на „Booking.com“ спроведено минатата година, повеќе од две третини од британските патници би отишле на заедничко патување за да ја проценат компатибилноста со партнерот.

Секако, сакате да ѝ/му обезбедите на вашата потенцијална подобра половина најдобри можни услови за успех на врската – и токму за тоа служи новиот Индекс на успешност на патувања за парови.

Индексот е осмислен од терапевтката за партнерски и сексуални односи Џорџина Вас во соработка со модниот бренд „Pour Moi“. Листата ги зема предвид фактори како стрес од гужви, пристапност, безбедност, квалитет на сон и удобност, како и можности за поврзување и заеднички искуства, со цел да утврди кои дестинации се идеални за парови.


Секоја дестинација е оценета со резултат од 0 до 100 за секој критериум, по што е пресметан просечен резултат. Вкупен победник е италијанското езеро Лаго ди Гарда.

Зошто Лаго ди Гарда е совршено за прво патување во пар?

Иако езерото Комо е омилено меѓу познати личности и инфлуенсери, најголемото италијанско езеро се смета за поромантично токму затоа што не е толку оптоварено со гужви.


Според Џорџина Вас, Лаго ди Гарда добил максимални 100 поени за „поврзување“ благодарение на прекрасните пејзажи и можностите за релаксација, а високо е оценет и во категоријата „сон и удобност“.

Се наоѓа во северна Италија и е лесно достапен од Милано, Венеција и Верона.

Каде уште вреди да се патува?

Второто место го зазеде уште една езерска дестинација – Блед во Словенија.


Ова исклучително живописно езеро е најпознато по островчето што може да се набљудува од видиковец или до кое во лето може да се стигне со традиционален чамец – плетна.

На третото место се наоѓа Есауира во Мароко, која постигнала најдобар резултат по пристапност меѓу сите дестинации во првите десет. Паровите таму можат да уживаат на плажа, да ја истражуваат медината под заштита на УНЕСКО или да се релаксираат во традиционален хамам.


Четвртото место му припадна на Гитхорн во Холандија. Ова село, популарно за еднодневни посети, е познато по тоа што низ него може да се движите исклучиво со чамец или велосипед.


Првата петорка ја заокружува Котор во Црна Гора. Посетителите можат да се искачат до тврдината и да уживаат во спектакуларен поглед на Бококоторскиот залив, како и да прошетаат низ Стариот град кој е под заштита на УНЕСКО, пишува N1info.hr.


Топ 20 дестинации за патување во пар:

• Лаго ди Гарда, Италија

• Блед, Словенија

• Есауира, Мароко

• Гитхорн, Холандија

• Котор, Црна Гора

• Тулум, Мексико

• Санторини, Грција

• Амалфи брег, Италија

• Сејшели

• Венеција, Италија

• Дубровник, Хрватска

• Квинстаун, Нов Зеланд

• Чинкве Тере, Италија

• Верона, Италија

• Кјото, Јапонија

• Маракеш, Мароко

• Позитано, Италија

• Мадеира, Португалија

• Занзибар, Танзанија

• Фарски Острови, Данска