[ВИДЕО] Мицкоски на прославата „80 години Македонци во Војводина“: Народот што го чува својот јазик и своите корени, секогаш има иднина

Макфакс

30/05/2026

19:30

191

Големина на фонт

а а а

Во Нови Сад е одбележан јубилејот 80 години од доселувањето и организираниот живот на Македонците во Војводина. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својот говор истакна значењето на јазикот, идентитетот и трудот на македонската заедница во Србија.

Со исклучително свечена академија во Нови Сад, срцето на Војводина, беше одбележан големиот јубилеј – 80 години од доселувањето и организираниот живот на Македонците во Војводина, Република Србија. На централната прослава се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој пред присутните упати историски пораки за македонскиот идентитет, јазик и континуитет.

Мицкоски истакна дека постојат јубилеи кои не се мерат само во години, туку во човечки судбини, спомени, премолчени жртви и во генерации луѓе кои успеале да изградат нов дом далеку од родниот праг, без притоа да се откажат од сопственото име, јазик и идентитет.

Труд и достоинство наместо сува статистика

Во своето обраќање, премиерот потенцираше дека кога се говори за повоеното доселување на Македонците во Војводина, не станува збор за бројки и административни процеси, туку за луѓе кои тргнале кон непознатото со огромна волја, трудољубивост и карактер.

„Тие генерации не дошле овде за да бидат само неми сведоци на времето, туку за да создаваат, да градат куќи и домови, да подигаат семејства, да отвораат училници, работилници, културни друштва, бизниси и нови животни хоризонти, оставајќи зад себе траги кои денес се длабоко вградени во развојот и животот на Војводина.
И токму затоа, кога денес говориме за осумдесет години Македонци во Војводина, ние говориме и за осумдесет години придонес во земјоделството, во стопанството, во науката, во културата, во образованието, во јавниот живот и во секојдневната човечка солидарност што ја граделе луѓето со својата работа, чесност и достоинство“, кажа Мицкоски.

Идентитетот не се чува сам од себе: Јазикот како единствена татковина

Премиерот посочи дека Војводина отсекогаш била простор каде различностите се богатство, а Македонците во тој мозаик имаат чесно и заслужено место. Сепак, тој предупреди дека идентитетот и јазикот не преживуваат сами по себе без љубов, труд и посветеност на мајките, татковците, учителите и културните работници.

Повикувајќи се на мислата на Блаже Конески, „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“, Мицкоски објасни дека надвор од татковината јазикот станува мост кон предците и духовен простор на пронаоѓање. Тој оддаде јавно признание за „тивката, но голема историска мисија“ на сите македонски организации кои го чуваат македонскиот збор во Србија.

Жив мост меѓу двата народа и критика за непризнавањето на малцинствата

Зборувајќи за блискоста меѓу Македонците и Србите, која се темели на вредности, духовност и чувство за слобода, Мицкоски го цитираше Иво Андриќ: „Мостовите се поважни од куќите“. Тој посочи дека токму Македонците во Србија се тој жив мост кој не се создава со формални декларации, туку со генерациска доверба, и упати благодарност до Република Србија за достоинствениот живот на нашата заедница.

„А Балканот памети и поинакви приказни од ова тука. На држави кои не признаваат малцинства, и во 21от век делови од народи кои се борат за човечки правдини. Таквите примери говорат за тоа дека не сите се дораснати, без оглед на епитетите, членствата во организации или големината на државите.
И можеби токму во ваквите човечки приказни се наоѓа вистинскиот одговор на сите поедноставени претстави за Балканот- не во поделбите и стереотипите, туку во луѓето кои умеат да градат мостови без да ги рушат сопствените корени и кои разбираат дека припадноста не значи исклучување на другиот, туку сигурност во сопствениот идентитет. Историјата нѐ учи на една едноставна, но длабока вистина- народите не опстојуваат само преку институции, територии или политички системи, туку пред сѐ преку паметењето, преку јазикот, културата и вредностите што ги пренесуваат од генерација на генерација“, истакна премиерот.

Силна порака до младите

Премиерот испрати емотивен и директен апел до младите Македонци во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград, Врање, Ниш, Лесковац и секаде каде што живее нашата заедница: „Вие сте генерацијата на новото време, генерацијата на технологијата, мобилноста и глобалните предизвици, но токму во такво време уште поважна станува свеста за сопствените корени. Не дозволувајте современото време да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност. Бидете современи, успешни, образовани и освојувајте универзитети, компании, институции и културни сцени, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци“.

„Македонија се гордее со вас“

При крајот на својот говор, премиерот се повика на мудроста на Кочо Рацин – „Човекот е најсилен кога е со човекот“, потенцирајќи дека ниту еден народ не станал голем преку омраза и поделби.

Мицкоски порача дека Свечената академија е поклон пред делото и жртвата на сите претходни генерации и завет за идните дека припадноста не е товар, туку достоинство.

„Македонија ве чувствува како свои. Македонија се гордее со вас. Со вашата работа, со вашата посветеност, со вашата истрајност и со начинот на кој осум децении успевате да бидете жив мост меѓу нашите народи. И каде и да живеат Македонците- во Македонија, во Србија, во Европа или каде било низ светот- тие остануваат дел од едно големо духовно, историско и културно семејство кое трае, памети и опстојува. Нека бидат вечни споменот, делото и трудот на генерациите Македонци кои ја испишаа оваа осумдецениска приказна во Војводина. Нека биде вечна блискоста меѓу нашите народи. Нека живее заедништвото, почитта и пријателството. И нека секоја наредна генерација Македонци во Војводина биде уште посилна, уште пообразована, уште подостоинствена и уште погорда на своите корени, затоа што народот што знае кој е, што памети и што чува, никогаш не може да биде мал. Ви благодорам од срце. Да сте живи и здрави. Бог да ја благослови Србија. Бог да ја благослови нашата Македонија“, рече премиерот Мицкоски.

Во состав на македонската делегација во Нови Сад се и вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.

На свечената академија се обратија и српскиот премиер Ѓуро Мацут, претседателката на покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Зорица Митровиќ.