Бардела со порака до Европа: Купувајте француски „Рафал“ наместо американски „Ф-35“ ако сакате нуклеарен штит

Макфакс

30/05/2026

17:20

163

Големина на фонт

а а а

Жордан Бардела, лидер на француската екстремна десница, повикува европските земји да купуваат француски борбени авиони „Рафал“ наместо американските „Ф-35“ за подобра соработка во рамки на новата иницијатива за нуклеарно одвраќање. Осум европски земји веќе преговараат со Франција за заеднички воени вежби и нуклеарна заштита.

Европските земји треба да купуваат француски борбени авиони наместо американски за да можат да имаат корист од новата француска иницијатива за нуклеарно одвраќање, изјави лидерот на француската екстремна десница, Жордан Бардела.

„Пред да побараат од Франција да го прошири својот нуклеарен чадор, нашите европски партнери треба да престанат да купуваат американски авиони ‘Ф-35’ и да почнат да купуваат ‘Рафал’“, рече Бардела во интервју за француската телевизија ЛЦИ.

И покрај ваквиот услов, тој нагласи дека Франција треба да остане верна на нуклеарната доктрина развиена од поранешниот претседател Шарл де Гол, според која „француските витални интереси не завршуваат на нејзините граници“.

Бардела, кој заедно со Марин Ле Пен ја предводи партијата „Национален собир“, според анкетите моментално води во пресрет на претседателските избори што ќе се одржат во Франција следната година. Неговите изјави се на линија на сличното, иако помалку директно предупредување кое претходно го изнесе и самата Ле Пен.

Осум европски земји преговараат со Париз

Осум европски земји – Германија, Полска, Грција, Холандија, Белгија, Данска, Шведска и Норвешка – веќе разговараат со Франција за нуклеарна соработка во рамките на иницијативата која ја заговара актуелниот француски претседател Емануел Макрон.

Оваа соработка би вклучувала заеднички нуклеарни воени вежби, размена на информации и, потенцијално, привремено распоредување на француските борбени авиони „Рафал“, кои се способни да носат нуклеарно оружје, на територијата на сојузничките држави.

Бардела би можел да го намали интересот за францускиот штит

Иако Бардела не ја оспори европската димензија на француските витални интереси, неговото барање сојузниците да се откажат од „Ф-35“ би можело сериозно да го намали интересот за француската нуклеарна иницијатива.

Причината за тоа е што седум од осумте држави кои преговараат со Франција веќе имаат набавено напредни борбени авиони од американскиот производител „Локид Мартин“. Единствено Грција, покрај американските, користи и француски „Рафал“, додека Шведска располага со сопствени борбени авиони „Грипен“.

Инаку, меѓу останатите европски корисници на француските авиони „Рафал“ во регионот се наоѓаат и Хрватска и Србија.