Легендарната Тереза Кесовија си заминува од музичката сцена: „Ја пуштам судбината да прави со мене што сака“

Точка

22/04/2026

20:45

1.215

Големина на фонт

а а а

Легендарната хрватска пејачка Тереза Кесовија соопшти дека се повлекува од музичката сцена. Оваа одлука ја донела поради здравствени причини, а наскоро ќе ги одржи своите последни настапи.

Таа на трети мај ќе настапи во Сплит, а потоа следуваат концерти во Загреб, Љубљана и во родниот Дубровник.

„Кога навистина бев меѓу животот и смртта и мислев дека нема да издржам. Кога почнав посериозно да се разболувам, се прашав – дали воопшто знам да застанам или морам сè да туркам до крај? А потоа размислувам за луѓето кои секојдневно ми пишуваат и ми велат колку им значат мојот глас и моите песни, доаѓаат на моите концерти, кои купиле билет, се нашминкале, се облекле, кои дошле да ме слушаат… Но, здравствените тегоби оставија последици. Пред седумнаесет години поради карцином останав без еден бубрег, ги оперирав двете колена, имав воспаление на белите дробови и четири пати сепса, слухот одамна ми е оштетен, а во последно време и видот, за кој се грижи поликлиниката Светлост…“, изјавила таа за „Глорија“.


Кесовија додала дека секојдневно трпи болки во нозете и ’рбетот, поради што оди со стап. Нејзината пријателка Мартина Плесник ѝ подарила стап со Сваровски кристали, кој го носи на концертите.

„Но, јас сум борец. Мајка ми починала два дена откако ме родила, а јас сепак се изборив за живот. Имам огромна енергија. Ја пуштам судбината да прави со мене што сака, а да се повторувам, како мојата колешка Нана Мускури, која имаше веќе пет проштални турнеи, тоа не е мој стил. Можеби уште некој настап – но никако турнеја“, истакнала пејачката.


Таа исто така кажала дека градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, ѝ замерил што овој град не е прв на листата на нејзините настапи.

„Меѓутоа, кога некој нагло би ме разбудил и ме прашал кој град повеќе го сакам – Сплит или Дубровник – вака набрзина би рекла: ’Подеднакво‘. Сплит е град на темперамент и град што многу ми даде. Таму сè почна во 1962 година, кога првпат настапив на Сплитскиот фестивал. Сплиќаните секогаш веруваа во мене. Секако дека сум Дубровчанка, Дубровник ме смета за своја, таму сум родена. Прекрасен е тој град кој ме полудува во најпозитивна смисла. На оние улички, на Страдун пораснав. На Сплит му се приближив без наметнување“, раскажала Кесовија.