Актерите Џек Квејд и Клаудија Даумит, колеги од сетот на серијата „The Boys“, наводно се венчале.
Според пишувања на странски медиуми, 33-годишниот Квејд и 34-годишната Даумит го изговориле судбоносното „да“ минатата сабота, на 18 април, на интимна церемонија одржана на имотот „Mona Farm“ во Брајдвуд во Австралија.

Џек, син на актерите Мег Рајан и Денис Квејд, и Даумит, родена во Австралија, биле видени на фотографии што гостите ги објавиле на Инстаграм како уживаат во првиот танц. Забавата се одржала во шатор, но фотографиите подоцна биле отстранети. Даумит носела сатенска венчаница во боја на слонова коска со набрана сукња и соодветна цветна трака за коса. Квејд избрал црвено сако во вестерн стил со златен вез.

Ѕвезден список на гости
На венчавката присуствувале низа познати личности, меѓу кои и родителите на Џек, 64-годишната Мег Рајан и 72-годишниот Денис Квејд. Меѓу гостите, според пишувањата на „The Daily Telegraph“, биле и Алек Болдвин, Том Хенкс, Кевин Костнер и Хенри Голдинг. На младенците им се придружиле и колегите од серијата „The Boys“: Карл Урбан, Колби Минифи и Натан Мичел. Парот наводно го играл својот прв танц на песната „Atlantis“ од пејачот Донован.
Дружење во Брајдвуд
За време на престојот во Брајдвуд, Квејд и Даумит го посетиле и непалскиот ресторан „Smokey Horse“ заедно со дел од гостите, што ресторанот го објавил на Инстаграм.
„Големи честитки на младенците @jack_quaid и @claudiadoumit, прекрасен сте пар и ви посакуваме бескрајна среќа во деновите што доаѓаат! Ни беше задоволство да ве угостиме и веруваме дека вашето семејство и пријатели уживаа во нашиот мал град“, напишале од ресторанот, додавајќи: „Од Холивуд до Брајдвуд, Giddy Up!“.
На дружењето биле видени и актерката Емили Браунинг и режисерот Еди О’Киф.
Според „The Daily Telegraph“, младенците со родителите на Џек престојувале на имотот „Mona Farm“. Мег Рајан подоцна, во понеделник на 20 април, била фотографирана на аеродромот во Сиднеј. Истот ден, Карл Урбан (53) објавил фотографија на Инстаграм на која позира во одело пред хотелот „Hyatt“ во Канбера со опис: „Среден и подготвен“.
Почеток на врската
Гласините за врската на Џек и Клаудија првпат се појавиле во јуни 2022 година, две години откако Даумит се приклучила на актерската екипа на серијата „The Boys“, кога биле снимени како се држат за рака за време на прошетка. Во популарната серија Квејд го глуми технолошкиот гениј Хјуи Кембел, додека Даумит ја толкувала улогата на политичарката и тајна суперзлобница Викторија Нуман. Нејзиниот лик ја напушти серијата во 2024 година.










