Никол Кидман станува дула за умирање: Актерката по загубата на родителите донела одлука што го шокираше Холивуд

Точка

14/04/2026

20:35

1.017

Големина на фонт

а а а

Актерката Никол Кидман ги шокираше сите во Холивуд кога откри дека се запишала на едукација за едно навистина посебно занимање – дула за умирање.

Се шпекулираше дека го напушта Холивуд, но таа подоцна ги разјасни работите. Тоа всушност нема да се случи, туку само решила да се обучи за деновите што доаѓаат, бидејќи се чувствува лошо по смртта на родителите, а особено на мајка ѝ, покрај која не можела да биде кога ѝ била најпотребна.

Да се биде „дула за крајот на животот“, како што рекла, ќе му даде на нејзиниот живот подлабока, похумана димензија. Говорејќи на Универзитетот во Сан Франциско, Кидман признала дека нејзиниот нов правец може да звучи необично.


„Можеби звучи малку чудно“, ѝ рекла на публиката, пред отворено да проговори за личната загуба што ја поттикнала оваа одлука – смртта на нејзината мајка во мај 2024 година, на 84-годишна возраст.

Лична загуба што поттикнала нова цел

Кидман искрено зборувала за искуството што ги открило емоционалните празнини кои можат да постојат дури и во грижливи семејства за време на грижата на крајот од животот.

„Додека мајка ми умираше, таа беше осамена, а семејството може да пружи само одредено ниво на поддршка. Сестра ми и јас имаме многу деца, кариери и обврски, а сакавме да се грижиме за неа, затоа што татко ми веќе не беше жив“, објаснила актерката.


Тоа искуство ја довело до важно сознание:

„Тогаш си помислив, би сакала да постојат луѓе кои можат непристрасно да бидат тука и да пружат утеха и грижа“.

Сега сака токму таа да биде таа личност за другите.

„Тоа е дел од мојот личен развој и нешто што ќе го учам“, додала Кидман.

Што всушност прави дулата за умирање?

Улогата на дула за умирање сè уште е нешто ново, па не е чудно што многумина никогаш не слушнале за овој поим и професија. Сепак, поради презафатениот начин на живот, оваа професија станува сè поважна, особено затоа што им нуди на луѓето похуман пристап кон умирањето.

Според Меѓународната асоцијација на дули за крајот на животот, тие имаат улога да пружат психолошка, емоционална, духовна и практична поддршка, со зачувување на достоинството на личноста за време на процесот на умирање.


Едноставно кажано, тие нудат присуство и поддршка не само на личноста што умира, туку и на нејзиното семејство, помагајќи им да се справат со тагата, стравот и организациските предизвици.

Познати личности кои се свртуваат кон оваа улога

Кидман не е единствената што тргнала по овој пат. Сè повеќе креативци и јавни личности покажуваат интерес за овој вид едукација, што укажува на промена во општествениот однос кон смртта.


Актерката Рајли Кио уште во 2021 година откри дека завршила обука.

„Мислам дека сега сум сертифицирана дула за крајот на животот. „Нè учат дека смртта е морбидна тема или дека треба толку многу да се плашиме од неа што не можеме ни да зборуваме за неа … а потоа ќе се случи и ние не сме подготвени“ напишала таа и додала:

„Важно е да учиме за свесното умирање исто како што учиме за раѓањето. Темелно се подготвуваме за доаѓање на свет, но не и за заминување“.

Промена во начинот на кој се соочуваме со крајот

Одлуката на Никол одразува поширока културна промена во начинот на кој луѓето пристапуваат кон смртта, тагата и грижата за другите.

Таа помага да се нормализираат разговорите што многумина ги избегнуваат, додека истовремено го насочува вниманието кон важноста на емпатијата во најранливите моменти од животот.


Нејзината приказна потсетува дека подготовката за крајот може да биде подеднакво важна како и подготовката за почетокот и дека, со повеќе разбирање и отвореност, овој дел од животот може да стане подостоинствен и похуман за сите.