Славниот актер планира да се повлече од глумата: „Не сакам повеќе да работам“

Точка

14/04/2026

18:15

501

Големина на фонт

а а а

Славниот актер Алек Болдвин најави повлекување од глумата за да ѝ се посвети на сопругата и децата, по тешките години што следуваа по трагедијата на снимањето на филмот „Rust“.

Во изминатите четири години, откако за време на снимањето од пиштолот што го држел смртно настрада снимателката Халина Хачинс, актерот минувал низ тежок период и сè повеќе време поминувал со семејството.

„Сакам да се пензионирам и да останам дома“

Гостувајќи во поткастот „Awards Chatter“ на порталот „The Hollywood Reporter“, 68-годишниот актер изјавил дека сака трајно да ја напушти глумата.

„Поради ситуацијата во Ново Мексико, сето тоа за мене беше многу болно. На крајот поминував многу време дома, бев со децата три и пол години. Речиси воопшто не работев“, раскажал тој.


„Тоа сега се менува, ќе одработам уште низа проекти, но се навикнав да бидам дома и повеќе не сакам да заминувам. Не сакам. Не сакам повеќе да работам. Навистина не сакам. Сакам да се пензионирам и да останам дома со моите деца“, истакнал Болдвин.

Тој и неговата сопруга Хиларија имаат седум деца: Кармен (11), Рафаел (9), Леонардо (8), Ромео (6), Едуардо (4), Марија (3) и Иларија (2), а од бракот со поранешната сопруга Ким Бејсингер ја има и 30-годишната ќерка Ајрленд.


Години правна и лична борба

Ѕвездата на серијата „30 Rock“ во 2024 година беше ослободен од обвиненијата за убиство од небрежност. Во текот на повеќегодишниот правен процес, како што истакнал, главниот фокус му била благосостојбата на семејството. Во поткастот „Dopey“ раскажал дека децата забележале промена во неговото расположение поради компликациите што произлегле од трагедијата на снимањето.


„Децата ме гледаа како седам во агол, не можев ни да се поместам“, рекол тој. Додал дека постоел период во кој само спиел, и тоа цела година без престан. „Тоа беше веднаш откако беше објавено дека повторно ќе биде подигнато обвинение“, изјавил тој.


Критики кон обвинителите

Во истиот поткаст, Болдвин остро ги критикувал обвинителите во Ново Мексико, велејќи дека истрајувале во, на крајот неуспешниот случај против него затоа што „сакале нивните имиња да се најдат во весниците“. „Тоа го сакаа“, рекол тој, алудирајќи на слава и медиумско внимание.


На Болдвин му се закануваше казна до 18 месеци затвор. „Фала му на Бога за судијата што ги повика на одговорност и рече дека тоа што го прават е срамно“, додал тој. „Не сакам премногу да се задржувам на тоа, само сакам да кажам дека сето ова беше многу болно за мојата сопруга и семејството, моите браќа и сестри, како и за колегите“, заклучил актерот.