Лила Филиповска во моментов ужива во својата американска авантура, престојувајќи туристички во Соединетите Американски Држави, каде што ја пречека нејзиниот долгогодишен пријател, поранешниот водител Дамјан Дренковски.
Во изминативе денови таа активно споделува фотографии и видеа од Њујорк, прикажувајќи се во впечатливи модни комбинации и позирајќи на некои од најпознатите туристички знаменитости.
„Мојата „американска турнеја” започна денес од родниот град на легендарниот Френк Синатра, Хобокен. Дел од метрополата Њујорк се наоѓа на реката Хадсон.
Без големи гужви и сообраќај, место за уживање со најубавиот поглед на Њујорк скајлајн.
Паркот Синатра изграден во чест на легендарниот пејач е место кое мора да се посети и не пропуштив прилика да се сликам со неговата бронзена статуа. Животот е убав“, напиша таа во својата прва објава.

Потоа, Лила објави и фотографии направени на Бруклинскиот мост, каде позираше и качена на него, споделувајќи интересни информации за оваа позната градба.
„Ете седнав и на Бруклинскиот мост!
Мостот ги поврзува двата дела на градот – Менхетн и Бруклин – и бил клучен за развојот и проширувањето на Њујорк.
Замислете изграден во 1883 година, мостот бил еден од првите висечки мостови од челик во светот.
Тој претставувал огромен технолошки напредок за тоа време. Тој е симбол на градот и секако дека го испешачив“.
Особено внимание привлече видеото во кое таа поминува улица и се фотографира на препознатливите скали од зградата каде живееше Кери Бредшо од серијата „Sex and the City“.
Во описот на видеото, придружено со оригиналната музика од серијата, Лила раскажа интересна случка поврзана со вистинските станари на објектот:

„Оние кои ја гледале серијата „Sex and the City” ќе ја препознаат локацијата и овие скали каде што снимав.
Улицата каде што живее Кери Бредшо од серијата „Sex and the City“ е: 66 Perry Street, во Њујорк Сити (во населбата Вест Вилиџ).
Иако во серијата адресата се спомнува како Апер Ист Сајд, вистинската локација на снимање е токму оваа улица, која денес е многу популарна туристичка атракција.
Со оглед на тоа што во овој апартман си живее семејство, за да се „спасат” од секојдневните посети и сликања (како мене на пример), луѓево си ставиле ограда и има кутија за донација за нивните домашни миленици за секој што се слика тука.
Дури имавме можност да поразговараме со сопственикот кој излезе во меѓувреме и нè покани во некој ресторан чиј сопственик е тој и рече дека ете мора да се навикне на секојдневните посети на туристите.
Искрено убаво е чувството кога знаеш дека дел од сцените на оваа култна серија се снимени тука. Благословена сум“.














