Авијацијата речиси како ниту една друга област ја буди детската фантазија. Многу малечки за време на престојот на аеродром стојат покрај стаклените излози на терминалот и со воодушевување ги набљудуваат авионите, прашувајќи се како нешто толку тешко воопшто може да се одржи во воздух.
На повеќето деца им е доволно да добијат пластична значка со крилја и за момент да ѕирнат во пилотската кабина. Меѓутоа, јунакот на оваа приказна покажа дека љубопитноста и острото забележување можат да донесат многу повеќе од тоа.
„Отсекогаш го интересираа машините“
Вилијам Хајнс не е типично дете од предучилишна возраст. Додека другите деца во образовниот центар Кембел, во државата Невада, учат основни геометриски форми или си играат во дворот, овој малечок е фасциниран од тоа како функционираат авионите.
Неговата мајка, Амбер Хајнс, вели дека отсекогаш покажувал интерес за механиката.
„Отсекогаш го интересираше како работат машините, па не ме чуди што го заинтересираа и авионите“, рече таа.
Таа љубопитност, имено, набргу довела до необична средба. Вилијам стапил во контакт со пилот од компанијата „Southwest Airlines“, кој веднаш забележал колку момчето искрено е заинтересирано за воздухопловството.
Детаљ кој сите го промашиле
Пилотот му донел прирачник за обука на пилоти и поминал речиси два часа разговарајќи со него за леталата, анализирајќи графикони и технички дијаграми.
Токму тогаш се случило нешто неочекувано. Додека ги прегледувал техничките информации, Вилијам забележал нешто што сите го промашиле!

„Открив дека двата монитора за следење на теренот не се совпаѓаат. Воопшто не се совпаѓаат“, објаснил малечкиот.
Тој точно покажал каде се наоѓа несогласувањето на дијаграмите и како растојанијата на нив се разликуваат. Семеен пријател, кој во тоа време почнал да работи во „Southwest Airlines“, предложил откритието да се проследи до менаџментот.
Можност за VIP посета
Веста набргу стигнала до врвот на компанијата, а генералниот директор бил импресиониран од вниманието кон деталите што го покажало петгодишното дете. Како знак на благодарност, компанијата ги поканила Вилијам и неговото семејство во своето седиште во Далас.
Таму добиле можност за посебна VIP посета. За време на обиколката, момчето можело да ѕирне во симулатор за летање, каде што пилот му објаснил како функционираат системите во вистинска пилотска кабина.
За малечкото кое сонува еден ден да стане пилот, ова искуство било вистински увид во професијата за која уште сега мечтае, пренесува „Yahoo News“.

„Ова е исклучително паметно дете“
Приказната брзо се проширила на социјалните мрежи и станала вирална. Луѓе ширум светот биле вчудовидени од концентрацијата и вниманието потребни за да се забележи грешка во сложен пилотски прирачник.
„Ова е исклучително паметно дете. Се надевам дека ќе ја добие сета поддршка што му е потребна за да го развие својот потенцијал“, напишал еден корисник.
Забелешката на Вилијам навела поединци да предложат дури и потенцијална кариера за него: „Можеби треба да стане контролор на летање. Такви експерти нема доволно, а вниманието кон деталите е пресудно во таа работа“.
Некои особено ја пофалиле реакцијата на авио-компанијата: „Не е најважно што забележало момчето. Важно е тоа што компанијата го забележала него“.












