Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес-конференција информираа дека е потпишан договор за закуп со Град Скопје, со што се овозможува изградба на катни гаражи во кругот на комплексот клиники.
- Со договорот се создаваат услови за системско решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето во кругот на клиничкиот центар, како еден од клучните приоритети за подобрување на пристапот на пациентите и условите за работа на здравствените работници. Договорот е склучен на период од 15 години и предвидува закупнина во висина од 10 проценти од вкупно остварениот промет. Со неговата реализација се очекува модернизација на системот за паркирање и зголемување на капацитетите за паркирање за околу 50 проценти, истакна министерот Алиу.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека на самиот почетокот од решавањето на проблемот со паркинг просторот ќе бидат изградени две катни гаражи, со што ќе се добијат најмалку 500 нови паркинг места.
„Ова е капитален проект не само за градот Скопје, туку и за цела Македонија, бидејќи доаѓаат пациенти од целата држава“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Согласно договорот, Град Скопје има обврска во рок од 60 дена да достави акциски план со конкретни рокови за спроведување на активностите поврзани со организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во комплексот.

Во рамки на проектот е предвидена и комплетна дигитализација и мониторинг на паркирањето. Ќе бидат поставени информативни табли и дигитален систем за насочување на граѓаните, како и таканаречен „паметен паркинг систем“ со сензори за детекција на слободни паркинг-места, камери со автоматска регистрација на возила и мобилна апликација за информации, резервации и плаќање во реално време.
Проектот опфаќа и урбано и хортикултурно уредување на просторот, со ново зеленило, пешачки патеки и модерно LED осветлување. Со ова решение се очекува значително подобрување на сообраќајниот режим и условите за пристап до здравствените услуги во кругот на Клиничкиот центар.












