Кои се Курдите и зошто ЦИА сака да ги вклучи во војната против Иран?

Точка

06/03/2026

21:42

2.061

Големина на фонт

а а а

ЦИА работи на план да ги вооружи иранските курдски сили со цел да поттикне народно востание во Иран, изјавиле за Си-ен-ен повеќе извори запознаени со планот.

Неколку ирански курдски групи објавија соопштенија од почетокот на војната во кои навестуваат скорешна акција и ги повикуваат припадниците на иранската војска да преминат на нивна страна.

Во меѓувреме, владата на ирачки Курдистан соопшти, пишува Си-ен-ен, дека извештаите според кои дел од планот е испраќање на иранските курдски опозициски партии на територијата на Иран се „целосно неосновани“.

Еден извор и висок функционер на Регионалната влада на Курдистан изјавиле дека поддршката на ЦИА за иранските курдски групи започнала неколку месеци пред избувнувањето на војната.


Секој обид за вооружување на иранските курдски групи би барал поддршка од ирачките Курди за да се овозможи транспорт на оружје и користење на ирачки Курдистан како база за започнување операции.

„Тоа е многу опасно, но што можеме да направиме? Не можеме да ѝ се спротивставиме на Америка“, изјавил еден висок функционер на Регионалната влада на Курдистан во Ирак. „Многу сме исплашени“, додал тој.

Урбан Канингем, истражувач во лондонскиот тинк-тенк институт „Royal United Services Institute“ (RUSI), изјавил дека не е изненадување што ЦИА и веројатно израелскиот Мосад се во контакт со малцинските групи во Иран. Тој додал дека веројатно разговараат и со други малцинства, како што се Белуџите и Азербејџанците.

„Она што ме изненадува е тоа што оваа информација сега е објавена, бидејќи тоа става огромен товар и мета на грбот на овие групи како во Иран така и низ целиот регион“, изјавил Канингем за Си-ен-ен.

Кои се Курдите?

Курдите се етничко малцинство на Блискиот Исток кое нема сопствена независна држава.

Процените говорат дека низ светот ги има меѓу 25 и 45 милиони, а мнозинството живее во планинскиот појас што се протега низ делови од западен Иран, источна Турција, северен Ирак, Сирија и Ерменија. Сепак, не постојат официјални статистики бидејќи Курдите немаат своја држава и се расфрлани низ регионот и пошироко.

По распадот на Османлиското Царство по Првата светска војна, западните сојузнички сили ги поделиле османлиските територии и во плановите вклучиле предлог за создавање курдска држава. Меѓутоа, новата турска влада ја презела контролата врз целиот Анадолиски Полуостров по војната за независност. Курдите потоа биле поделени меѓу новите граници на Турција, Иран, Ирак и Сирија, што предизвика децении протести и бунтови против новите национални власти.


Процените покажуваат дека околу половина од Курдите во регионот живеат во Турција, каде што претставуваат најголемо етничко малцинство во земјата.

Повеќето Курди се сунитски муслимани, но курдското население има разновидни верски, културни, општествени и политички традиции, како и различни дијалекти на курдскиот јазик.

Низ целиот регион курдската политика и лојалноста се фрагментирани, но многу Курди ја делат заедничката борба за поголеми права, слободи и автономија.

Според процените на британската влада, Курдите сочинуваат меѓу 8 и 17 отсто од населението на Иран. Курдските области на западот од земјата долго време бараат поголема автономија или независност, како и подобри права.

Во 1946 година краткотрајната курдска држава – Република Махабад – постоела помалку од една година, пред да биде укината од иранските сили под власта на шахот. Се смета за прва модерна курдска република.


Во децениите што следеле, вооружените ирански курдски групи се бореле против иранскиот режим, дејствувајќи од бази на границата меѓу Ирак и Иран, каде што имаат илјадници борци.

Амнести Интернешнел и други организации за човекови права документирале широко распространети прекршувања на човековите права врз курдското малцинство во Иран. Наставата на курдски јазик е ограничена, курдските имиња се забранети во официјалната регистрација, а курдските активисти се соочуваат со произволни апсења.

Кои се Курдите во Ирак, Турција и Сирија?

Во 2017 година жителите на ирачки Курдистан и на некои спорни области кои ги зазеле курдските безбедносни сили со големо мнозинство гласале за независност на референдум. Меѓутоа, владата на Ирак се спротивставила на гласањето и го прогласила за незаконско.

Соединетите Американски Држави не го поддржале референдумот за независност на ирачките Курди.


Во Сирија Курдите сочинуваат околу 10 отсто од проценетите 24 милиони жители.

За време на својот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп одобрил вооружување на курдските сили во рамките на Сириските демократски сили (СДФ) со цел да помогнат во борбата против Исламската држава (ИСИС).

Турската држава со децении води борба против Курдистанска работничка партија (ПКК), вооружена курдска крајно левичарска милитантна и политичка организација со седиште во Турција и Ирак, чија цел е создавање независна курдска држава. ПКК почна да користи насилство во 1984 година, а САД во 1997 година ја прогласија за терористичка организација.


Според Советот за надворешни односи, во турско-курдскиот конфликт загинале десетици илјади луѓе, претежно Курди.


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган долго време се спротивставува на курдскиот национализам и настојува да го потисне.

Минатиот месец Ердоган изјави дека договорот меѓу сириската влада и СДФ на североистокот од Сирија помогнал да се намали притисокот врз мировниот процес меѓу турската влада и милитантите на ПКК.