Трамп бара безусловно предавање, засилени нападите врз Техеран

Нетпрес

07/03/2026

08:27

526

Големина на фонт

а а а

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп побара „безусловно предавање“ од Иран, а израелската војска вели дека ги засилила нападите врз Техеран додека се навршува првата седмица од новата американско-израелска војна против Иран.

„Нема да има договор со Иран, само безусловно предавање. После тоа и изборот на еден или повеќе прифатливи лидери, неуморно ќе работиме за да го обновиме Иран, правејќи го посилен од кога и да е“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа Truth Social.

Иранската престолнина повторно беше потресена од силни експлозии рано во петокот навечер, со големи столбови црн чад што се издигаа над зградите, според новинарите на AFP од теренот.

САД и Израел потврдија дека ги засилиле своите напади, а израелската војска соопшти дека погодила „400 цели“ низ Иран во текот на денот.

Во Техеран, на првиот петок – ден на молитва – по смртта на ајатолахот Али Хамнеи, се собраа толпи мажи и жени облечени во црно, мавтајќи со ирански знамиња или портрети на покојниот врховен лидер.

Според иранските власти, од почетокот на војната се убиени околу 1.000 луѓе, од кои една третина се деца, изјави во петокот портпарол на владата.

Иран продолжува да возвраќа со напади врз Израел, каде што спасувачките служби велат дека се убиени вкупно 10 лица. Сепак, Израел многу редуцирано ги потврдува вистинските размери на штетите и воените загуби. Иранските соседи во Персискиот залив во кои се сместени американските воени бази и кои учествуваат логистички во нападите врз Иран, исто така беа цел на напади. Техеран вели дека напаѓа само американски бази и интереси. Тринаесет лица, вклучувајќи седум цивили, се убиени во регионот. Во петокот, ракети и беспилотни летала беа насочени кон Кувајт и Бахреин, Саудиска Арабија и Катар.

Иранската војска, исто така, објави дека погодила американски танкер за нафта во Заливот, кој е „во пламен“. Портпарол на војската изјави во петокот вечерта дека стратешки важниот Ормутски теснец не е затворен и дека само бродови поврзани со САД или Израел ќе бидат „гаѓани“.

Само девет комерцијални бродови, од кои некои повремено ги криеле своите позиции, поминале низ Ормутскиот теснец од понеделник, според податоците од веб-страницата MarineTraffic анализирани од AFP.


Дали Американците се одговорни за нападот врз училиштето?

Во Либан, зафатен од конфликт по „превентивните“ напади од Израел и кога шиитското проиранско движење Хезболах го нападна Израел за да се одмазди за смртта на Али Хамнеи, бројот на жртви од израелските ракетни напади расте. Најмалку девет лица беа убиени во напади на исток во петокот навечер, со што вкупниот број на жртви од понеделникот достигна 226, а околу 800 се ранети, според властите. Околу 300.000 луѓе беа принудени да избегаат од израелските напади низ целата земја, според Норвешкиот совет за бегалци.

Хезболах, исто така, продолжува да истрелува ракети кон Израел, 70 проектили биле истелани во петокот според израелската војска, која од своја страна тврди дека убила 70 членови на либанското шиитско движење.

Во меѓувреме, се натрупуваат прашања за воздушниот напад врз женско основно училиште во Минаб. Училиште за девојчиња во Минаб, јужен Иран, беше погодено во саботата за време на првиот ден од воздушните напади на САД и Израел врз земјата. Амбасадорот на Иран во ОН во Женева, Али Бахреини, рече дека 150 ученички биле убиени во нападот. Истовремено, во американско-израелскиот напад во саботата беа убиени најмалку 20 млади ирански одбојкарки, учеснички на турнир, кога била погодена спортска сала во градот Фарс, исто така, во јужен Иран.

Истрагата на The New York Times, делумно базирана на сателитски снимки, сугерира дека САД навистина може да бидат одговорни и дека вистинската цел веројатно била блиска поморска база.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, повика истрагата што ја ветија САД да биде „брза“ и „транспарентна“.