Ние ќе продолжиме да се бориме за зголемување на вашите плати, но мора да почнете да се борите и вие, Трендафилов ги повикува работниците на протест на 14 март

Макфакс

06/03/2026

21:09

262

Големина на фонт

а а а

Сојузот на синдикати најави протест за 14 март. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повикува работниците да си дадат поддршка самите на себе, да застанат во првите борбени линии за зголемување на нивните плати, а најави и превоз за протестот.

„Ние ќе продолжиме и понатаму да се бориме за зголемување на Вашите работнички плати, но мора да почнете да се борите и вие за зголемување на вашите плати“, вели Трендафилов.

Протестот ќе почне во 12:05 часот пред Работничкиот дом во Скопје, а ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.

„Нема простор за изговор, затоа што протестот е во неработен ден за најголем број на работници. Ќе организираме и превоз. Ако не протестирате Вие, тие мислат дека добро живеете и дека и тие 1.667 денари колку што планираат да ја усогласат минималната плата Ви се повеќе од доволно. Даваме шанса на секој еден работник, да излезе на улица рамо до рамо и да се бори за својата плата“, вели Трендафилов.

Тој ги повика членовите на ССМ, но и работниците од другите синдикати да се приклучат на протестот.

„ССМ ги повикува сите работници, членовите на синдикатите здружени во ССМ, ги повикуваме дури и работниците членови на другите синдикати чии лидери ги продадоа за паушал од 15.000 денари месечно и прифатија 1667 денари усогласување на минималната плата, да се придружат кон Протестот. Ги повикуваме работниците да си дадат поддршка самите на себе, да застанат во првите борбени линии за зголемување на нивните плати. Ние ќе продолжиме и понатаму да се бориме за зголемување на Вашите работнички плати, но мора да почнете да се борите и вие за зголемување на вашите плати. И на крај, ги отфрламе сите политички игри на грбот и на маката на работниците, сите политички игри кои се правеа и сите политички игри кои планираат и ќе се обидат да се прават и во наредниот период. Политичарите, да сакаа да им ги зголемат платите на работниците, веќе ќе го направеа тоа кога се власт и несмеат да ги поддржуваат работниците само кога се опозиција, и едните и другите“, вели Трендафилов.

На новинарското прашање кое се однесуваше на тоа кои се следните чекори по најавениот протест, доколку Владата се оглуши на истиот, претседателот на ССМ рече:

„Работничката борба не е спринт, работничката борба е маратон… Ние покажавме дека секој ден, секој час, секој месец и секоја година можеме да бидеме на улици и тоа го покажавме 8-9 години наназад. Тоа што ние ќе продолжиме да го правиме како Сојуз на синдикати на Македонија е дека нема да престанеме да се бориме и нема да ја продадеме работничката борба и нема да ги предадеме работниците. Генералниот штрајк ќе се одржи, а тогаш поддршката која ќе треба да ја дадат работниците треба да бидат тројно поголема од таа што ќе ја дадоа на протестот во месец јануари и од тоа што ќе ја дадат на протестот на 14-ти март. Се во спротивно ќе значи легитимирање на ваквите лоши политики на сметка на работничките плати, се во спротивно ќе значи ветер во грб на газдите и на Владата, се во спротивно ќе значи дека ќе продолжите како работници да си разговарате во вашите семејства, јас со моето, вие со вашето како е тежок животот во Македонија, ќе продолжите да разговарате со вашите пријатели, ќе продолжите да разговарате со вашите колеги, но ќе треба да запамтите дека ништо не се направиле за да го подобрите тоа и да го унапредите тоа”.