Актерот Метју Меконахи ја загубил улогата во култниот „Titanic“ на Џејмс Камерон. Неговата тврдоглавост го чинела скапо. Метју Меконахи можел да ја добие главната машка улога во култниот „Titanic“ на Џејмс Камерон, но ја испуштил. Бил на чекор од неа …
Снимен во 1997 година, „Titanic“ беше и остана еден од најтрагичните и најромантичните филмови, освојувајќи единаесет награди „Оскар“, меѓу кои и најпрестижната златна статуетка во категоријата најдобар филм на годината. За улогите во „Titanic“ во „игра“ биле и Пол Рад, Итан Хок и Кристијан Бејл, но сите останале со празни раце.
Еден од продуцентите на филмот „Titanic“, Џон Ландау, во своите мемоари „The Bigger Picture“ открива дека Меконахи ја загубил улогата на сиромашниот уметник Џек затоа што не сакал да се откаже од својот јужњачки акцент. Ландау наведува дека Камерон го замолил Меконахи, да ја одигра љубовната сцена – избрана за аудиција – на поинаков начин, но тој го одбил тоа.

„Го повикавме да одигра само една љубовна сцена со Кејт Винслет. Сакавме да провериме каква е хемијата меѓу нив. Ние го гледаме тоа со уметничко око. Не обрнуваме внимание само на изгледот на актерите. Поважна ни е нивната хемија, како „дишат“ како романтичен пар на сцената. Кејт Винслет го сака Метју, го сака неговиот шарм, ги сака и неговите романтични комедии. Помисливме дека би бил идеален партнер. По првата проба Камерон беше задоволен. „Тоа е одлично“, рече јасно. „Но сега ајде да пробаме малку поинаку“. Метју го погледна и рече: „Не. Ова е прилично добро. Благодарам“.
Тоа што славниот режисер побарал уште еднаш да се одигра истата љубовна сцена, но со поинаква нијанса, за Меконахи било непотребно. Тој прилично самоуверено ја напуштил аудицијата. Но Камерон на крајот се одлучил за Леонардо Дикаприо.

Дали е тоа загуба или добивка – зависи од перспективата. За среќа, Меконахи стекна голема слава играјќи во други блокбастери. Во 2014 година освои „Оскар“ за главна машка улога во биографската драма „Dallas Buyers Club“, во која го толкуваше каубојот Рон, заболен од СИДА, а ја доби и наградата „Златен глобус“.
Со оглед на тоа што Меконахи стана многу популарен по улогата на Дејвид Вудерсон во комедијата „Dazed and Confused“, која денес е култен класик, неговиот препознатлив стил сигурно ќе донел поинаква динамика во „Titanic“. Сепак, тешко е денес да се замисли некој друг наместо Леонардо Дикаприо во улогата на Џек.

Неодамна Меконахи го прослави својот 56. роденден. Досега во својата биографија има запишано 91 улога, настапувал во различни жанрови – од историски драми до научнофантастични филмови – а се остварил и како продуцент („Sahara“, „True Detective“, „Surfer, Dude“ …).
Минатата година го сними трилерот „The Rivals of Amziah King“, во режија на Ендру Патерсон, во кој го игра поранешниот старател Амзија, кој ѝ помага на младата Катрин да се снајде по загубата на двата родители. Објави и втора книга „Poems&Prayers“, по бестселерот „Greenlights“. И понатаму е многу активен – во мај треба да започне со снимање на романтичната комедија „Positano“ за „Netflix“, во режија на Даниел Роер, во Италија.











