Никол Кидман ја игра главната улога на докторката Кеј Скарпета во серијата „Скарпета“ (Scarpetta) адаптација на популарните криминалистички романи на Патриша Корнвел.
Таа ја толкува брилијантната главна медицинска истражителка, решена да разоткрие сериски убиец и да докаже дека случајот што ѝ ја одбележал кариерата пред 28 години нема воедно да стане и она што ќе ја уништи.

Џејми Ли Кертис ја игра нејзината намуртена и необична сестра Дороти Фаринели.

Приказната ја следи Скарпета од нејзината работа во канцеларијата на главниот судски патолог во деведесеттите години, па сè до сегашноста, кога се враќа во родниот град за повторно да ја преземе старата позиција и да истражи брутално убиство.
Кидман, гостувајќи кај Џими Фалон, открила дека за потребите на оваа улога научила како да изведе обдукција.

„Знам да ги извадам сите човечки органи. Можам и да ги именувам“, рекла актерката и додала дека е благодарна што можела да учи заедно со искусен судски патолог и детално да ги проучува сите процедури.

Таа објаснила дека брзо ја совладала анатомијата и техниките бидејќи тоа е „дел од работата“, и дека за потребите на серијата научила како да ги отстрани белите дробови, црниот дроб, жолчното кесе и цревата.









