Шестмина Македонци денес ќе бидат пренесени од Израел во Египет, утре со владиниот авион се враќаат дома

Макфакс

04/03/2026

14:45

117

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека заклучно со денес, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток.

Од нив, 136 лица се пријавени во Доха, додека бројката во Абу Даби континуирано се зголемува и во моментов изнесува околу 477 лица.

Во однос на македонските државјани во Израел, од МНР велат дека бројката останува непроменета. За дел од нив, вкупно шестмина, со посредство на Министерството е завршена евакуацијата и тие одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да заминат кон Скопје. Останатите шест лица, кои изразиле подготвеност за евакуација, во текот на денот ќе бидат транспортирани по копнен пат од Израел во Египет, со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје.

Во делот на македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и Катар, дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби, во координација со надлежните институции, е во фаза на финализирање на техничките и логистичките детали за организација на чартер-летови. Целта на Министерството е, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар, да обезбеди неколку чартер-летови за евакуација на пријавените лица.

Истовремено, нашите дкп-а прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС бројот на Министерството.