По повод 4 март, Светскиот ден на дебелината, научното здружение за обезност, ОБЕМ, го означи почетокот на едукативната кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“.
На настанот по тој повод беше забележано дека состојбата со прекумерната тежина и со обезноста во Северна Македонија е алармантна. Државата е во категоријата на земји со високи стапки на предвремена смртност од незаразни болести, каде што обезноста е еден од клучните ризик‑фактори. Досега, медицината има дефинирано над 220 здравствени компликации или коморбидитети што се последица на прекумерната тежина и дебелината.
Во рамки на „Круг на поддршка“ е воспоставена и интернет-страницата tezina.mk која што содржи информации на темата, а истите ќе бидат и надополнувани.
Кампањата е поддржана и од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, како и од канцеларијата на Светската здравствена организација. Предводени од ОБЕМ, сите овие чинители повикуваат на заеднички пристап во справувањето со проблемот со прекумерната тежина и дебелината. Отпочнувањето на кампањата беше одбележано со присуство на в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и Шефот на Канцеларијата на СЗО, Аким Али.

„Дебелината е поврзана со најчестите и најсериозни коморбидитети, меѓу кои срцев удар, мозочен удар, дијабетес тип 2, карциноми и неплодност. Еден од клучните системски предизвици е тоа што во пракса често се евидентираат последиците – срцев удар, мозочен удар, дијабетес, масен црн дроб, апнеа – додека самата дебелина ретко се препознава и запишува како дијагноза. Пораката е јасна: ако не препознаеме, не мериме; ако не мериме, не планираме; а без планирање промената е бавна. Затоа упатувам најискрен повик до здравствените работници да ја користат дијагнозата E66 кога критериумите се исполнети, со цел да се создаде реална и мерлива слика за дебелината во Македонија. Исто така, во јавното здравство постојат девет Центри за обезност, каде што пациентите можат да добијат стручен и организиран, мултидисциплинарен пристап“ – истакна Ирфан Ахмети, претседател на научното здружение за обезност, ОБЕМ, на настанот во Чифте Амам со кој отпочна едукативната кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“.
Во Македонија, според податоците на Светскиот атлас на дебелина, кога се во прашање возрасните лица, 30 отсто живее со дебелина, додека 65 проценти е со висок индекс на телесна тежина. Очекувањата се дека до 2030 година над 920 илјади лица од општата популација ќе бидат засегнати од прекумерната тежина.
Информациите од Глобалниот атлас за детска обезност, пак, велат дека индексот на ризик кај децата и младите во земјава е висок, односно 7/11. Проценките се дека до 2030 година, стапката на дебелина кај деца на возраст од пет до 19 години да порасне на 52,5 отсто. Дебелината, исто така, носи огромен финансиски товар. Според анализите на Светската глобална обсерваторија за обезност се проценува дека до 2060 година трошоците на Македонија поради обезноста ќе достигнат 1.9 милијарди долари.
Научните докази од големи истражувања и анализи покажуваат дека дебелината е поврзана со приближно 1,8 пати поголем ризик од коронарна срцева болест (повисок ризик за срцев удар) и околу 1,6 пати поголем ризик за исхемичен мозочен удар; за дијабетес тип 2 ризикот често се сумира како околу седумпати поголем, а според глобални експертски наоди, дебелината е причински поврзана со најмалку 13 видови карцином.
Дебелината, исто така, носи и друга поширока мрежа компликации: масна болест на црниот дроб кај приближно тројца од четворица лица со дебелина, честа апнеа при спиење, 3 до 5 пати повисок ризик за остеоартритис на коленото, растечки ризик за бубрежна слабост со повисоки класи на дебелина, како и повисок ризик за венски тромбоемболизам (тромбози и белодробни емболии), кој во некои анализи е двојно поголем кај лица со дебелина.
Научното здружение за обезност, ОБЕМ, со едукативната кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“ повикува лицата кои се соочуваат со дебелина да се обратат за помош до стручни лица. Најпрво, тоа би биле матичните лекари, по што би се вклучиле и специјалисти по потреба, како нутриционисти или и психолози. Една од целите на кампањата е да истакне дека третманот не треба да се базира на брзи решенија, туку на јасни чекори. Тие подразбираат одржливи промени во животниот стил, и фармакотерапија кога е индицирана и според протокол.
















