[ФОТО] Пластики, текстил, гуми и сунѓери „чекаат ред“ за „Усје“: „Зелен хуман град“ објави видео од отпадот што се гори во фабриката

Точка

17/02/2026

18:40

1.090

Големина на фонт

а а а

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ објави видео-снимка од внатрешноста на цементарницата „Усје“, на која можат да се забележи големи количини отпад како пластика, текстил, гуми, сунѓери, подготвен за согорување во фабричките печки.

Од иницијативата посочуваат дека според македонското секторско упатство за цементната индустрија, вреќестите филтри што содржат катализатор треба да ги неутрализираат диоксините и фураните. Сепак, тврдат дека во работната дозвола на „Усје“ никаде не е наведено дека филтрите располагаат со таков катализатор.



Дополнително, како што велат, фабриката може да мери диоксини најмногу еднаш годишно, иако, според нив, во процесот се согоруваат значителни количини отпад.

Видеото, информираат од „Зелен хуман град“, е снимено пред неколку дена. Тие бараат итна ревизија на дозволата на фабриката според највисоки светски стандарди, воспоставување 24-часовен јавен мониторинг во реално време, како и дислокација на цементарницата надвор од Скопје. Според нив, со оглед на профитот што компанијата го остварува, постојат финансиски услови за таков чекор.

Во меѓувреме, и иницијативата „Стоп за Усје“ одржа прес-конференција на која повторно ја обвини Општина Кисела Вода за неточни информации во врска со мерната станица во Усје, а од Општината ги демантираа ваквите обвинувања, велејќи дека сите вредности од мерната станица поставена во кругот на цементарницата „Усје“ се достапни на нивната веб-страна.