Регрутерите на некогашната руска платеничка група „Вагнер“ станале главен канал за организирање саботажи на Кремљ во Европа, предупредија западните разузнавачки функционери во ексклузивен извештај за Фајненшл Тајмс.
По неуспешната побуна на Вагнер против рускиот воен врв во јуни 2023 година, која доведе до смрт на основачот Евгениј Пригожин, судбината на групата остана неизвесна.

Меѓутоа, регрутерите кои се специјализирале за убедување млади мажи од руските провинции да се борат во Украина сега се пренасочени на наводна нова задача – регрутирање на Европејците за извршување насилство на територијата на НАТО. Според зборовите на западните функционери, руската воена разузнавачка служба „ГРУ“ ги користи „талентите што ѝ се на располагање“. „ГРУ“ и домашната разузнавачка агенција „ФСБ“ ги интензивирале активностите во барање „еднократни“ агенти во Европа за да предизвикаат хаос и да ја ослабнат западната поддршка за Украина.

По низа протерување на руските дипломати од главните западно-европски градови, руските служби сè повеќе се потпираат на посредници. За „ГРУ“ мрежата на Вагнер се покажала како груба но ефикасна алатка. Нејзините оперативци им даваат задача на регрутираните лица да подметнуваат пожари на автомобили на политичари, магацини со хуманитарна помош за Украина или дури и пропаганда во стилот на нацистички симболи. Повеќето од регрутираните се маргинализирани лица, честопати без јасна животна насока, кои дејствуваат мотивирани од брзи пари.
Европските безбедносни агенции одамна ја следат улогата на Вагнер во саботажите.

Еден од најпознатите случаи се случил во Велика Британија. Имено, 21-годишниот Дилан Ерл, ситен криминалец, бил регрутиран преку социјалните мрежи од страна на Вагнер. Во март 2024 година, тој запалил магацин во Источен Лондон во кој се наоѓала помош за Украина, вклучувајќи опрема на „Старлинк“. Ерл подоцна регрутирал уште четворица млади мажи. Тој бил осуден на 23 години затвор, а судијката Чима-Груб истакнала дека анонимните регрутери на шифрирани платформи користеле радикализација и лесни пари за да ја предадат сопствената земја.

По овој случај, европските агенции почнале да составуваат поширока слика за Вагнер ширум континентот. Експертите предупредуваат дека оваа хибридна тактика претставува дело од пошироката кампања за слабеење на поддршката на НАТО за Украина.












