Според последните информации, најмалку пет лица се тешко повредени, додека 13 добиле полесни повреди во експлозијата што се случила во една црква во сојузната држава Њујорк.
Како што пренесуваат локалните медиуми, на местото на настанот биле испратени бројни екипи на итната медицинска помош, а локалните власти побарале и хеликоптери за транспорт на повредените.
Властите соопштија дека првите екипи на итната помош биле испратени околу 10:23 часот, по пријави за мирис на гас во црквата, а сведоци им рекле на истражителите дека почувствувале гас пред експлозијата.
На социјалните мрежи се појавија снимки. Фотографиите од местото на настанот во Бунвил, на северот на државата Њујорк, покажуваат дека црквата била зафатена од пламен.
Во изјава за „Њузвик“, државната полиција наведе дека еден пожарникар од Бунвил бил во зградата за време на интервенцијата кога дошло до експлозијата, и дека две лица – пожарникар и еден цивил – се во критична состојба, додека три лица добиле тешки повреди кои не се сметаат за животозагрозувачки. Црквата претрпела катастрофални оштетувања и се смета за уништена.
Официјалните лица додадоа дека нема индиции за криминална активност, а дека зградата се греела со пропански боци.
Во изјава од црквата, еден верник рекол дека пасторот и уште еден член повикале компанија за пропан за да пријават можно истекување на гас пред експлозијата и дека се меѓу повредените, опишувајќи го инцидентот како ситуација во развој.
Причината за експлозијата сè уште се истражува, додека полицијата и пожарникарите продолжуваат со работа на местото на настанот








