Работат 4 дена во неделата, а БДП-то по глава на жител меѓу највисоките: Во оваа земја знаат нешто што останатиот дел од Европа допрва го открива

Точка

17/02/2026

22:04

721

Големина на фонт

а а а

Додека во другите држави за тоа и натаму се водат идеолошки дебати, во Холандија скратената работна недела стана вообичаена пракса, и тоа не само во малите фирми туку и во големите компании.

Вработените во просек работат 32,1 час неделно, што е најмалку во ЕУ и значајно под европскиот просек од 36 часа.

Истовремено, холандското БДП по глава на жител останува меѓу највисоките во Европа и при самиот врв во земјите членки на OECD. Со тоа се доведува во прашање претпоставката дека богатите држави мора да работат подолго за да останат конкурентни.


Во амстердамската фирма „Positivity Branding“ која ги советува компаниите во областа на бренд идентитетот и пакувањата, четиридневна работна недела била воведена пред седум години.

Коосновачите Гавин Арм и Берт де Вит, одлучиле дека и тие и нивните вработени ќе работат по 32 часа неделно, без намалување на платата и без продолжување на работното време во текот на работните денови.

„Децата се мали само еднаш“, вели Арм, објаснувајќи дека многу од претприемачите се склони целосно да се посветат на работата, често наводно токму поради семејството, а подоцна сфаќаат дека ги пропуштиле најважните години на своите деца.

Де Вит нагласува дека не станува збор за помал обем на работа за исти пари туку за промена на менталитетот.

„Работиме попаметно, не подолго“

Како што тврди, во некои земји многу време се поминува на работа, но тоа не значи дека навистина и повеќе се работи. Најголемиот предизвик е промената на културата и приоритетите.


Слични искуства доаѓаат и од софтверската компанија „Nmbrs“ каде раководството тврди дека по преминувањето на четиридневната работна недела, намалени се боледувањата, а зголемена е лојалноста на вработените.

Петок е неработен ден, а вработените го користат за одмор, семејството или лични активности.

„Најдобрите идеи ги добивам додека го шетам кучето“, вели директорката за човечки ресурси Мариеке Пеперс. Сепак, преминувањето на ваква работна недела не било лесно.

Инвеститорите морале да бидат уверени во одржливоста на моделот, а одредени вработени на почеток се сомневале дека ќе успеат да ја завршат работата за пократко време. Решението било пронајдено во построгото одредување на приоритети и намалување на бројот на состаноци.

Институционална поддршка

Четиридневната работна недела во Холандија има и институционална поддршка.

Најголемиот синдикат „FNV“ лобира таа да стане официјална препорака од владата, додека вработените веќе имаат законско право да бараат скратено работно време.


Меѓутоа, структурата на пазарот на трудот покажува специфичност: речиси половина од вработените работат неполно работно време што е највисок удел во „OECD“. Дури три од четири жени и еден од четворица мажи работат помалку од 35 часа неделно.

Високите заработки, но и даночниот систем којшто особено го оптоварува средниот слој, ги прават дополнителните часа помалку исплатливи, па семејствата често се одлучуваат „да ги заменат приходите за време“.

Економистите предупредуваат дека успехот на моделот има свои граници. Иако продуктивноста е висока, нејзиниот раст во последните 15 години стагнирал.

Покрај тоа, Холандија, како и поголем дел од европските земји, се соочува со стареење на населението, има сѐ повеќе пензионери, а помалку работно активни граѓани.